ММС

Објавено на: 02/9/21 2:55 PM

Мицкоски: Mногу брзо ќе се знае дали ќе се зголеми бројот на опозициски пратеници

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски тврди дека има придвижувања во однос на зголемувањето на бројот на нивните пратеници во Собранието, но од медиумите побара трпение потенцирајќи дека тоа „многу брзо ќе се знае”.

– Има. Бидете трпеливи. Го реков тоа и во моите изјави пред неколку недели. Бидете трпеливи. Многу брзо ќе знаеме дали јас сум бил во право или Зоран Заев. Можеби има политички партии што се дел од коалицијата со СДСМ. Не би сакал сега во моментов да зборувам работи за коишто е потребно, верувајте, голема дискреција за да може целта да биде остварена, а целта е оваа Влада да падне, изјави Мицкоски, кој денеска беше во посета на Зелениот пазар во центарот на Скопје заедно со неколку партиски функционери.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ потенцираше дека за нив е битно што поскоро оваа Влада да падне, а потоа „да следи одговорност за се тоа што е сторено овие четири години”.

Запрашан што добро, а што лошо донесоа таканаречните „бомби” од проектот „Вистината за Македонија” пред шест години и како гледа од денешна перспектива на тоа, Мицкоски рече дека тие што требало да бидат цел на тие прислушкувани разговори се верни коалициски партнери на власта.

– Еве сега може да отидеме до Триумфалната капија и да видиме која бројка ја пишува таму и тоа ќе ви го даде одговорот за што беа наменети тие бомби. Од бомбите останаа само бомби, но за жал тие коишто требаше да бидат практично цел на тие бомби денеска се нивни верни коалициски партнери, рече Мицкоски.

Коментирајќи ја изјавата на премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев за барањето на опозицијата за предвремени избори, Мицкоски со став дека „не знае дали може воопшто да му се верува на Заев”.

– Четврта година по ред ние слушаме само лаги и многу криминал во Македонија. Единствено многу јасно што се гледа од Месечината е Кинескиот ѕид и нови предвремени парламентарни избори, нова влада и одговорност за оваа Влада, која го покраде народот, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Мицкоски рече и дека по поднесувањето на Иницијативата за поништување на Законот за попис, очекува собирањето потписи да отпочне најдоцна за еден месец и дека сега треба претседателот на Собранието да ја достави до матичните комисии, кои ќе ја оценат нејзината исправност. Тој уште еднаш ги повика граѓаните, како што рече, масовно да излезат и да се потпишат. Доколку Владата, сепак реши да предложи одложување на пописот, Мицкоски вели дека за нив идеално време за попис е пролетта 2022 година, и оти јуни – јули „никој не прави попис”.

– Ќе ги имаме и терминалите кои ќе ги отчитуваат и отпечаток на прсти со кои ќе се гласа на следните избори, рече Мицкоски.

Лидерот на опозицијата обвини дека министерот за финансии Фатмир Бесими две недели не одговара на дописот на претседателот на Државната изборна комисија за дополнителни средства за овие терминали.

– Од што се плаши ДУИ на следните локални избори. Прашајте го Фатмир Бесими зошто не обезбедува средства за ДИК за да може да се обезбедат терминалите за отчитување на отшечаток на прсти, со кои ќе се гласа на следните локални избори, рече Мицкоски.

Според него, членот 108а е јасен како ќе се гласа на следните локални избори.

– Ве повикувам новинарите прашајте го Фатмир Бесими зошто две недели не одговара на претседателот на ДИК и не обезбеди дополнителни средства да се набават овие терминали. Или Зоран Заев прашајте го. Или паралелниот премиер прашајте го, рече Мицкоски.

Во однос на различните ставови на директорот и заменик директорот на Заводот за статистика за попишувањето на дијаспората, Мицкоски вели дека предупредил за такво нешто и оти тоа е политизацијата за која зборувал.

– Од првиот момент тие тоа го политизираат. Од првиот момент од статистичка ова се претвори во политичка операција. Трка по проценти, трка по бројка, тоа нема да даде одговор на идниот развој на Македонија и затоа уште од првиот момент кажав дека овие луѓе не се способни да испорачаат, рече Мицкоски. Според него, ова ќе биде плод на лажен компрпомис и политички договор.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ во одговор на новинарско прашање уште еднаш ја повика ЕУ да ги поддржи граѓаните на нашата земја, бидејќи, како што рече, на овој народ местото му е во ЕУ. – Во спортивно Европа ќе ја изгуби поддршката кај нашите граѓани, заклучи Мицкоски.

МИА


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.