ММС

Објавено на: 02/9/21 1:28 PM

Кавадарчани сметаат дека судството е најкорумпирано

Граѓаните на Кавадарци одговориле дека судството е најкорумпирано, а според нив ДКСК, медиумите и обвинителството се главните фактори кои може најмногу да придонесат во борбата против корупцијата. Ова го покажуваат резултатите од истражувањето за проценка на ранливите области на корупција на локално ниво во Кавадарци, Битола, Куманово и Гостивар.

Подготвениот извештај денеска беше презентиран во Кавадарци. На дебатата, извршниот директор на Асоцијацијата за демократски иницијативи Лулзим Хазири истакна дека недовербата во институциите е главниот фактор за непријавување на корупција од граѓаните.

-Во земјата има многу анализи кои мерат перцепција на граѓаните, ама сето тоа е на централно ниво. Ние сме невладина организација која делува локално креиравме идеја да се перцепцијата на граѓаните за корупцијата на локално ниво, бидејќи знаеме дека корупција има и на локално ниво. Цениме дека ова ќе биде една добра основа за преземање на акциии за подобрување на политиките  во насока на намалување на корупцијата и на локално ниво. Анкетата е на два дела. Беа опфатено околу 600 граѓани и засегнати страни, вели Хазири.

На скала од 1 до 7, испитаниците од Кавадарци, со вкупна оцена 6,35 посочиле дека желбата за брзо богатење на луѓето кои се на власт најмногу придонесува за корупцијата.

-Резултатите покажуваат дека граѓаните сметаат дека корупцијата е зголемена во последните 10 години и дека тоа зголемување е прилично високо. Како главни сфери ризични на корупција ги издвојуваат здравството, судството и полицијата. Кога станува збор за Кавадарци, судството е повеќе издвоено од другите области. На прашањето зошто не би пријавиле корупција, граѓаните покажуваат недоверба кон институциите на системот и сметаат дека нема ништо да се преземе по нивната пријава или дека доколку се преземе постапките се долги институциите се нефункционални, вели Марија Димитровска, експерт, вклучена во истражувањето.

Таа посочи дека исто така во  истражувањето голем процент од граѓаните,  одговориле дека нивни познаници минатата година дале мито.

Секретарот на општина Кавадарци, Тодор Ефремов смета дека транспарентноста во работењето е многу важна алатка во борбата против корупцијата.

-Ние како општина во изминатите истражувања бевме рангирани на 48 место по веб транспарентност,  но во 2018 година дојдовме на четврто  место со многу заложби и напори на општинската администрација и во наредниот период ќе посветиме многу внимание. Општината користи повеќе алатки за да ја зајакне довербата на граѓаните кон институциите, истакна Ефремов.

Денешната јавна дебата на која се споделија податоците од истражувањето за корупција на локално ниво е трета. Претходно податоците беа презентирани во Штип и Битола. На извештајот работеше Асоцијацијата за демократски иницијативи  во рамки на проектот на УСАИД за граѓанско учество.

 

 

 

Ангел Данов


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.