ММС

Објавено на: 02/9/21 12:54 PM

Политиката да не се меша во фудбалот – Претседателот на УЕФА, Чеферин не пофали и предупреди

Претседателот на УЕФА, Александер Чеферин одржа официјален состанок со претседателот на Фудбалската федерација на Македонија, Муамед Сејдини на кој го изрази воодушевувањето од големите фудбалски чекори што нашата земја ги направи последните години и притоа го предупреди дека изборите за нов претседател на ФФМ треба да се одржат без влијание на политиката.

„Јас сум воодушевен од големите чекори што Фудбалската федерација на Македонија ги направи во последните години под водство на Муамед Сејдини. Навистина како држава и федерација почнавте да ги бележите сите придобивки од вашите заложби во последните години – од пласманот на репрезентацијата до 21 година на Европското првенство во Полска 2017 година, па до А репрезентацијата која се пласираше на завршниот трунир за прв пат во историјата“, истакна Чеферин од седиштетото на УЕФА во Нион.

Претседателот на ФФМ, Сејдини, се пофали дека успесите за кои зборува Чеферин се резултат на неговото раководење.

“Претседателот Чеферин и УЕФА цврсто веруваат во нашата стратегија и искрено нѐ поддржуваат. Успесите се резултат и на доброто раководење и грижата за македонскиот фудбал. Упатените топли зборови за успехот на нашата репрезентација и пласманот на Европското првенство претставува гордост за нас и ни дава дополнителна енергија и ентузијазам во пресрет на натпреварите од ЕУРО 2020. За нас е многу значајно што УЕФА и претседателот Чеферин даваат безусловна поддршка на ФФМ во организацијата на Генералното изборното собрание, напоменувајќи дека истото мора да биде независно и без влијание. Во изборот на ново раководство на ФФМ не може да влијае ниту УЕФА ниту ФИФА, како што не може да влијае ниту политиката. Тоа би било спротивно на статутите. Нашата федерација ќе продолжи да го дава својот придонес во сегашните и идните проекти на УЕФА, кој се секогаш насочени во корист на европскиот фудбал. Благодарност до претседателот Чеферин пред сѐ затоа што го штити и развива фудбалот. На тој пат секогаш ќе ја има нашата поддршка“, изјави Муамед Сејдини.

Пофалбите од првиот човек на УЕФА за ФФМ звучат како кампања за поддршка на кандидатурата на Сејдини за реизбор на претседател на федерација, но портпаролот на ФФМ, Златко Андоновски ја отфрли оваа теза со образложение дека УЕФА само дава поддршка за организацијата на независно изборно собрание, не и за било кој кандидат за претседател.

“Ова не е кампањата за избори, туку официјална средба на покана на Чеферин. Во изјавата е само додаден официјалниот допис од УЕФА кој стигна пред неколку дена во кој се вели дека во изборниот процес не смеат да се мешаат ниту УЕФА, ниту ФИФА, ниту политиката и дека се треба да биде организирано според статутот на ФФМ. Во годината која почна со продолжување на договорот со селекторот Ангеловски, во која ќе имаме шест инфраструктурни проекти и која ќе кулминира со настапот на Македонија на Европското првенство во јуни, одеднаш нашето работење се сфаќа како кампања. Логично и коректно е да не се гази по сработеното и да не ја расипуваме атмосферата пред ЕП. Изборот на претседател на ФФМ нема врска со ова затоа што секој има право да се кандидира“, изјави портпаролот на ФФМ, Златко Андоновски за ММС.

ФФМ е подготвена да разговара и да го реши проблемот со Агенцијата за млади и спорт кој се јави откако директорот на АМС, Наумче Мојсоски и наложи да го почитува Законот за спорт и да го смени статутот со што на клубовите би им се дозволило да имаат свои претставници во ФФМ.

“Проблемот е што не поистоветуваат со ракометот и кошарката. Ние немаме 30 клубови во земјата, ние имаме 626 активни клубови во Комет системот и 35.000 играчи од сите категории. Клубовите од Првата и втората лига може да имаат свои претставници во УО на ФФМ, прво преку Здружението на прволигаши или второлигаши и второ преку избори во општинските фудбалски организации. УО на ФФМ е подготвен да седне со засегнатите страни и да го реши проблемот“, додаде Андоновски.

 

Орце Костов


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.