ММС

Објавено на: 02/9/21 11:34 AM

Климатските промени имаат важна улога во ширењето на пандемијата – открива британска студија!

Климатските промени можеби одиграа клучна улога во пренесувањето на коронавирусот кај  луѓето принудувајќи одредени видови лилјаци да бидат во  поблизок контакт со нив, покажува новата британска студија.

Вирусот кој уби повеќе од два милиони луѓе и предизвика глобално затворање веројатно потекнува од лилјаците од Југоисточна Азија.

Истражувачите од Универзитетот во Кембриџ во  своето истражување користеле податоци од температурите, врнежите од дожд и промените на вегетацијата во изминатите сто години за да моделираат движење на популацијата на десетици видови лилјаци врз основа на условите што им се потребни за да живеат.

Откриле дека во минатиот век, околу четириесет видови лилјаци мигрирале во јужна Кина, Лаос и Мјанмар, области каде што според генетската анализа се појави вирусот SARS-CoV-2.

Бидејќи секој вид лилјак носи во просек 2,7 коронавируси, научниците велат дека околу сто видови коронавирус сега се концентрирани во тоа „жариште“.

-Климата  ги менуваше живеалиштата на лилјаците, некои видови ја напуштија областа во која се наоѓаа и мигрираа во друга, носејќи ги со себе „своите“ вируси, рече главниот автор на студијата Роберт Мејер, зоолог од Кембриџ.

-Ова веројатно довело до нови интеракции помеѓу животните и вирусите што придонесе за поголем развој и пренесување на повеќе штетни вируси. Не тврдиме дека пандемијата не би постоела без климатските промени, но без сомнение овие миграции на лилјаците немало да довде до толку големо ширење, изјавил Мејер.

Иако точниот синџир на пренесување на вирусот SARS-CoV-2 од животни на луѓе допрва треба да се утврди, Мејер забележил дека климатските промени и уништувањето на живеалиштата во Азија довеле до поблизок контакт со луѓето.

-Ние продираме подлабоко во нивните живеалишта, а истовремено климатските промени ги туркаат патогените микроорганизми во наша насока, рече тој.

Студијата која е  објавена во списанието Science of the Total Environment, ги повика владите да ја ограничат урбаната експанзија бидејќи тоа ќе го намали ризикот од друга пандемична болест која е ендемиска за дивиот свет.

-Факт е дека климатските промени можат да го забрзаат пренесувањето на патогените микроорганизми од животинскиот свет кај луѓето, ова треба да биде преставен како итен повик за будење со цел да се намалат штетните емисии на глобално ниво, рече Камило Мори од Универзитетот на Хаваи, кој учествуваше во студијата.

 

Извор и фото: Дневник.хр


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.