ММС

Објавено на: 02/9/21 8:25 AM

Нетанјаху се појави на суд за судењето за корупција

Израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху, денес се појави во Окружниот суд во Ерусалим, каде што продолжи неговото судење за обвинението за корупција, јавува Агенција Анадолија (АА).

Судското рочиште беше отворено од судијката Ривка Фелдман Фридман, која го потврди присуството на обвинетиот. Нетанјаху го потврди своето присуство, како што налага судската постапка.

„Го потврдувам писмениот одговор доставен во мое име“, рече Нетанјаху во судот, пред да ја напушти судницата.

Израелската полиција воведе строги безбедносни мерки околу судската зграда. И покрај силното безбедносно присуство, десетици Израелци излегоа на протест против Нетанјаху близу судската зграда и побараа негова оставка.

Во судењето на Нетанјаху се разгледуваат обвиненијата против него, кои вклучуваат корупција, мито и нарушување на довербата. Нетанјаху во повеќе наврати ги негираше обвинувањата.

Израелскиот државен обвинител, Авичај Манделблит, на 14 јануари поднесе обвиненија против Нетанјаху. Неговата прва судска сесија беше одржана во мај 2020 година, а потоа следуваше втора сесија во јули 2020 година, пред судењето да се одложи поради рестриктивните мерки поради Ковид-19.

Нетанјаху се подготвува да учествува на претстојните генерални избори во Израел, што треба да се одржат на 23 март.

Нетанјаху, кој е на чело на десничарската партија Ликуд, функцијата премиер на Израел ја извршува повеќе од 14 години и е израелски премиер со најголем стаж.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.