ММС

Објавено на: 02/8/21 7:17 PM

Заев: Бугарија зазеде не баш пријателска позиција, во интерес е дијалогот да продлжи

За земјите од Западен Балкан нема друга алтернатива освен влез во Европската Унија и НАТО. Со вербата за членство во НАТО и ЕУ ние го сменивме нашиот Устав, а со тоа и нашето уставно име. Навистина не беше лесно, беше едно горчливо чувство, можете да замислите колку е тешко да додадете нешто на вашето име, но тоа го направивме заради младите луѓе, заради децата и изградивме големо пријателество со нашиот сосед Грција, нагласи премиерот Зоран Заев на денешната онлајн дебата на Атланскиот совет на тема „Северна Македонија на прагот од Европа”.

Тој посочи дека по одлуката на Советот на ЕУ во март минатата година за започнување на преговорите за членство со земјава, требаше да следи првата меѓувладина конференција, но тоа не се случи поради одлуката на нашиот сосед Бугарија.

– Бугарија зазеде не баш пријателска позиција, но јас многу верувам дека тоа е бидејќи изборите се многу блиску во Бугарија, а ние политичарите не сме многу прагматични кога станува збор за избори. Јас верувам дека ако продолжите да ни помагате ќе најдеме решение веднаш по изборите во Бугарија, бидејќи ова е смешен проблем. Не треба да размислуваме како некого да блокираме или стопираме, туку да гледаме кон иднинатата и да ја обезбедиме истата, рече Заев.

Премиерот наведе дека меѓу Скопје и Софија ќе бидат изградени уште повеќе мостови на соработка во разни сектори.

– За нас е во интерес да продолжи дијалогот, а не да дојде до замрзнување на преговорите, но сепак постојат некои црвени линии кои ние не можеме да ги поминеме. Бугарија разбира дека ние имаме право на нашиот суверенитет и право на самоидентификација, да се чуввствуваме како Македонци, да го зборуваме нашиот македонски јазик. Ние овде во Северна Македонија ги почитуваме сите европски идентитети, но немаме претензии кон Бугарија или кон било која друга држава во светот, потенцираше Заев.

Поранешниот генерален секретар на НАТО, лорд Џорџ Робертсон во обраќањето на дебатата посочи дека Северна Македонија благодарение на своите аспирции кон НАТО и ЕУ, се стави на мапата на тие институции и благодарение на храброста на Заев и на поранешниот грчки премиер Алексис Ципрас беше ставен крај на деценискиот спор за името.

– Од ПЈРМ, изникна новата Северна Македонија. Решавањето на овој децениски спор можеше да ги чини многу овие двајца политичари. Еве на пример, Алексис Ципрас ја загуби власта во Грција, но Зоран Заев успеа да остане премиер на Северна Македонија, нагласи Робертсон.

MИА


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.