ММС

Објавено на: 02/8/21 7:01 PM

Посета на „Титовиот бункер“ во БиХ: Еден од најголемите подземни објекти во СФРЈ

Атомската воена команда, позната и како АВК или „Титов бункер“, е поранешен нуклеарен бункер и воено-команден центар што се наоѓа во близина на градот Коњиц во Босна и Херцеговина. Изграден е да го заштити југословенскиот претседател Јосип Броз Тито и до 350 членови од неговиот потесен круг во случај на атомска војна, пишува агенцијата Анадолија (АА).

Структурата на објектот се состои од станбени подрачја, конференциски сали, канцеларии и други простории. Бункерот остана државна тајна сè до распадот на Југославија во 1990 година.

Изграден меѓу 1953 и 1979 година, во внатрешноста на планината Златар. АВК е најголемото атомско засолниште и еден од најголемите подземни објекти изградени во поранешна Југославија.

Повеќе од десет години по завршувањето на изградбата, тоа беше најтајната воена инсталација во земјата.

Сите градежни работници се внимателно избрани и проверени, потпишале договор за молчење, а сите членови на персоналот ги минале најголемите безбедносни проверки. Изградбата на објектот заврши во 1979 година, по 26 години, и потрошени се 4,6 милијарди долари.

Џенан Фалаџиќ, вработен во Агенцијата за економски развој „Прв чекор“ на Општина Коњиц, која управува и го одржува објектот АВК Д-0, односно попознат под името „Титов бункер“, за Анадолија  зборуваше за овој комплекс.

Фалаџиќ наведе дека изградбата на објектот траела 26 години, од 1953 до 1979 година.

„Овој објект претставува трета најголема инвестиција на ЈНА во тие воени цели, во противредност од 4,6 милијарди долари во тоа време, а во денешна противредност, таа сума е многу поголема“, објаснува Фалаџиќ.

Тој додаде дека за објектот се дознало во 1992 година. Отворен за јавноста во 2011 година, кога Министерството за одбрана на БиХ го прогласи овој комплекс за воено неперспективен имот, а сè започна со идејата во внатрешноста на објектот да се отвори првото Биенале на современата уметност. Фалаџиќ додаде дека посетителите имале можност да видат уметнички инсталации кои кореспондираат со просторот и тематски се врзани за периодот на Студената војна, а од 2013 година уметничките инсталации и трудови се наоѓаат под покровителство на УНЕСКО, додека во 2014 година објектот е прогласен за национален споменик.

Општина Коњиц го презеде објектот во 2017 година.

Титовиот бункер сега служи како место за средби на уметници од целиот регион, Европа и од светот. Цел на проектот Биенале на современата уметност е трансформација на комплексот, кој службено е под воена контрола, во престижна регионална културна институција, како и создавање уметнички вредности и повторно воспоставување на раскинатите врски меѓу уметниците и креативните луѓе од регионот.

Фалаџиќ наведе и дека бункерот, по рафтингот на Неретва, е една од најпознатите туристички дестинации во Коњиц. Тој додаде дека објектот го посетуваат голем број луѓе, со исклучок на минатата година поради пандемијата на коронавирусот.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.