ММС

Објавено на: 02/8/21 7:00 PM

(Видео) Чудо прават магичните раце на Андријана Станковска од Велес, која со шминка се трансформира во славни ликови

Андријана Станковска, професионална шминкерка од Велес, во последните неколку години стана ѕвезда на социјалните мрежи благодарение на визуелните трансформации во славни ликови што ги создава без специјални ефекти. Доналд и Меланија Трамп, Леонардо ди Каприо, Мерилин Монро, Маска, Амди Бајрам, Катица Јанева, Џек Николсон, Калиси од „Игра на тронови“, Никола Груевски, Мистер Бин, Алберт Ајнштајн, Талат од „Преспав“ се ликовите во кои се трансформирала 30-годишната шминкерка.

Андријана работи класична шминка, филмска шминка, боди-пејнтинг, илузии и визуелни трансформации, а своето знаење го стекнала само од туторијалите на „Јутјуб“.

– Многу малку луѓе се занимаваат со оваа уметност, можеби околу триесетина, затоа што не може да се научи на обичен курс за шминка. Потребен е талент, но него не можеш да го откриеш сѐ додека не пробаш да креираш нешто. По долго гледање туторијали решив да пробам да ја изработам првата трансформација во раперот Дрејк. За неа ми беа потребни 7-8 часа. Многу е важно како гледаш на ликот кој сакаш да го изработиш, потребно е да му ја пронајдеш онаа специфична црта на лицето по која ќе се креира маската. Мора да имате и талент за глума ако сакате ликот да биде автентичен. За видеоедитирањето и снимањето на целиот процес е задолжен мојот брат – раскажува Станковска.

Андријана решила да направи визуелна трансформација во познатиот лик од филмот „Маска“ кој и бил најголем и најтежок предизвик затоа што само за материјалот вложила околу 500 евра.

– Купив огромна количина гипс, направив facecast (тродимензионален калап) и потоа врз него го моделирав ликот на Маска користејќи глина. Тоа го правев неколку пати во неколку месеци. Потоа правев калапи од тој лик, повторно од гипс и во нив од течен латекс ги изработив деловите од маската. За специфичните заби на ликот зедов мерка од моите заби со калап и алгинат. Потоа ги направив моите заби од гипс, па ги моделирав неговите заби врз моите. Со обратен процес ги направив неговите заби од акрилат. Забите се навистина оригинални и можам да ги носам и сега – вели Андријана за уметничкото дело кое и донесе околу 40.000 следбеници на Инстаграм.

Ликот на научникот Алберт Ајнштајн и бил една од најлесните креации поради специфичните црти на неговото лице.

– Најтешки за работа ми се обичните луѓе без карактерна црта. Мерилин Монро е една од најубавите жени во историјата, но нејзиното лице нема специфична црта освен бенката и ми беше тешко да го доловам вистинскиот лик.

Андријана мора да ги научи и фацијалните експресии на ликовите, а за тоа е потребен и малку талент за глума.

– Глумата ме привлекува, а 50% од визуелната трансформација се глума. Кога го создавав ликот на Саманта од серијата „Сексот и градот“, во видеото повеќе внимание посветив на глумата отколку на маската – додава шминкерката.

Таа вели дека трансформацијата во легендарниот Тоше Проески разбудила најмногу емоции кај нејзината публика, додека на критики наишла трансформацијата во холивудскиот актер Морган Фриман.

– Кога се трансформирав во Морган Фриман, имав негативни коментари од дел од следбениците на „Јутјуб“ од САД дека тоа била blackface маска. Изразот се однесува на театарска шминка која се употребувала во 19 век кога белците се шминкале во Афроамериканци, а денес тоа е навреда на расна основа.

Пандемијата со коронавирусот ја погоди и Андријана Станковска која покрај креациите со маски, илузиите и филмската шминка, работеше и на класична шминка. Но, наместо да бара оправдувања или помош, Андријана сфати дека пандемијата ќе трае подолго и дека својата работа мора да ја префрли во виртуелниот простор.

Со својот свршеник Темелко Андреев кој е задолжен за видео монтажа и продукција на нејзините креации, Андријана сними 32 видеа со лекции за шминка кои се читаат на англиски јазик, со опција за превод на македонски и на српски јазик. Видеата се наоѓаат на платформата Udemy.com. Нејзините курсеви за еден месец ги купиле 63 студенти. Андријана од неодамна е активна и со својот блог beautyanica.com на кој зборува за шминка, пишува статии и подготвува туторијали.

Таа извесно време живеела во Стокхолм, Шведска, каде што работела шминка на фотосесии и модни ревии. Во Велешкиот театар работела на претставата „Ана Комнена“, во театарот во Штип на претставата „Бегство“, како и во двата краткометражни филма „Баба Донка“ и „Пепел“.

Орце Костов


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.