ММС

Објавено на: 02/8/21 11:57 AM

Меѓународниот кривичен суд ќе ги испитува наводните злосторства во Палестина и покрај израелските приговори

Меѓународниот кривичен суд во петокот соопшти дека има овластување да ги испита наводните злосторства на окупираните територии, во пресуда жестоко осудена од Израел и пофалена од палестинците.

Судот утврди дека има надлежност за териториите окупирани од Израел во 1967 година, и покрај израелското инсистирање на спротивното, отварајќи го патот за истрага за наводите за израелски и палестински воени злосторства во регионот.

Пресудата на Меѓународниот кривичен суд дојде откако канцеларијата на главниот обвинител на судот, Фату Бенсуда, започна прелиминарна истрага за израелските акции на териториите, вклучително и за време на разорната 50-дневна војна во Газа во 2014 година.

Според Израел ова е спорен политички потег без валидна правна основа.

Премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху, ја осуди пресудата и рече дека судот ги игнорира вистинските воени злосторства и наместо тоа ја прогонува Израел, држава со цврст демократски режим, која не е член на судот.
Во видео-изјава Нетанјаху го обвинува Меѓународниот кривичен суд за „чист антисемитизам“ додека одбива да ги испита бруталните диктатури како Иран и Сирија, кои прават ужасни злосторства секојдневно.

Нанесувајќи му дилен дипломатски удар на Израел, судот пресуди дека за свои цели, Палестина се квалификува како држава на територијата каде што се случиле предметните настани и ја дефинираше територијалната надлежност да се протега на Западниот брег, Газа и Источен Ерусалим. Пресудата не беше донесена едногласно, еден од тројцата судии ја оспори идејата дека судот има надлежност во овој случај.

И израелскиот јавен обвинител е на став дека МКС нема никаква надлежност по ова прашање, со оглед на тоа што, покрај другите причини, не постои суверена палестинска држава ниту пак има територија што припаѓа на таков ентитет, а палестинските власти немаат надлежност над израелските граѓани.

– Ваквата правна позиција ја привлече поддршката од водечките нации и светски познатите правни експерти, но сепак мнозинското мислење на судот занемари многу суштински правни аргументи изнесени од овој контекст. Израел е законска демократија со независен правен систем. Државата е посветена на основните вредности на меѓународното право и е целосно способна самостојно да ги испита наводните повреди на законот. Поаѓајки од ова, апсолутно нема место за интервенција на МКС во прашања што се под јурисдикција на Израел, се вели во соопштение од израелското министерство за правда.

Сега откако судот утврди дека има надлежност, главниот обвинител Бенсуда ќе мора да одлучи дали ќе продолжи со истрага или ќе му ја препушти одлуката на нејзиниот наследник, со оглед на тоа што нејзиниот мандат завршува во јуни.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.