ММС

Објавено на: 02/8/21 12:24 PM

Ќе ми правиш ли макарони цел живот? Необична љубовна приказна на водителката Спасија Велјановска од Австралија

Водителката Спасија Велјановска важеше за една од најперспективните. Својата кариера ја започна уште за време на студентските денови во националните телевизии, а најпрепознатлива стана по детско образовната емисија Ѕвон на Македонската телевизија. Последен проект во кој беше вклучена беше емисијата Урбан Таг на телевизија 21.

Но, љубовта си го направи своето, ја напушти својата татковина и својата професија и замина за далечната Австралија.

Спасија за ММС ја раскажа својата интересна љубовна приказна, таа ни откри како се запознала со нејзинот вереник.

-Се запознавме преку заедничка пријателка. Потоа комуникацијата продолжи на социјалните мрежи, секој ден допишување, праќање пораки и така цели 6 месеци. Потоа Џек реши одморот да го поминеме заедно во Македонија. Дента пред да се упати кон аеродром сфати дека австралискиот пасош му го нема (го најдовме дури сега после една година во автомобилот под седиштето) па одложуваше карта, извади пасош по брза постапка за на крајот да стигне конечно во Скопје. Звучи интересно, сега се смееме за ова, но тогаш не ни беше сеедно, открива Спасија.

Водителката открива дека да не и се случела љубовта никогаш немала да ја напушти Македонија, но судбината си го направила своето.

-Пораснав пред објективот на камерата,  15 години без запирање емисии во живо, интервјуа, истражувања. Македонија е моја земја и засекогаш ќе биде така. Таму се оформив како личност, таму тече мојата крв, таму се луѓето што ми даваат ветер во грб. Немаше никогаш да заминам да не сакав да се остварам како мајка. Сега градам од почеток се, нова средина, нови луѓе, нови навики поинаков животен стил, поинакви закони и правила. Не е лесно, ќе излажам ако кажам лесно е, но е возбудливо има поголем адреналин отколку чувството пред камера. Животот е поубав кога со некој имаш да споделиш и среќа и тага. Вреди секоја секунда помината со него ( ама да не се лигавам многу), се шегува таа.

Вереникот на Спасија на најуникатен начин ја побарал водителката за жена.

-Ме запроси со реченицата “Ќе ми правиш ли макарони цел живот” ?! Седевме и јадевме јас не го сфатив на почетокот се додека не го покажа прстенот, вели таа.

Спасија е една од среќничките кои покрај неа има вистински маж, а на прашањето дали ја изненадува водителката открива:

-Постојано, поинаку е растен, овде не е срамота да отвориш врата од автомобил, да подариш цвеќе без причина. Да кажеш на глас те сакам, рече таа.

Исто така раскажа за изненадувањата кои сопругот и ги приредува, и во оваа прилика му упати порака:

-Еве ја користам приликата да го потсетам на ветувањето што ми го даде во Македонија, дека ќе ми ја оствари најголемата желба а тоа е пливање во кафез со голема бела ајкула. Па Џек што чекаш?!

 

Таа ни откри дека планира да облече две венчаници, поточно дека ќе прави две свадбени прослави, една во Македонија, а другата во Австралија.

– Свадба ќе има и тука но и таму. Планот за овде е по Велигден.Пандемијата го направи своето, ни покажа дека не можеме да планираме секогаш се. Не е ни важно се додека има љубов, откри водителката.

 

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.