ММС

Објавено на: 02/6/21 5:32 PM

Жителите на Вухан му оддадоа почит на лекарот кој прв предупреди за коронавирусот

Една година по смртта на Ли Венлијанг кој почина како последица на ковид-19, жителите на кинескиот град Вухан порачаа дека и понатаму се благодарни на лекарот кој прв предупреди на избивањето на епидемијата со коронавирусот, пред таа да биде и официјално објавена. Триесет и четиригодишниот Ли Венлијанг, офталмолог во градската болница, стана една од најистакнатите фигури во првите денови од избивањето на епидемијата во Вухан, кога се обиде да предупреди на појавата од непознатиот вирус.

Сепак, полицијата тогаш тврдеше дека тој шири гласини, додека неговата смрт која настана токму поради вирусот, ги растажи сите негови колеги, па и воопшто жителите на градот во кој Ли денес се смета за херој – пренесува Ројтерс.

„Прв ни говореше за вирусот. Со сигурност знаеше дека последиците ќе бидат огромни, но сепак крена узбуна. Тоа беше навистина храбро“, изјави за агенцијата Ројтерс, дваесет и четиригодишниот Ли Пан, сопственик на продавница во Вухан. И некои други граѓани со кои разговараа новинарите од Ројтерс, потврдија дека благодарение на предупредувањата од Ли и пред надлежните да почнат отворено да зборуваат за вирусот, биле преземени одредени заштитни мерки, што можеби спасило многу животи. Поради тоа, граѓаните сметаат дека би требало да се оддаде многу поголема почит кон неговото дело.

Претседателот на Кина, Си Џинпинг кога во септември зборуваше за хероите во народната борба против вирусот, не го спомена придонесот на овој лекор, а прашањето за потеклото на вирусот што моментално го истражува тим експерти од СЗО во Вухан, стана многу политизирано.

 

Извор:   kurir.rs


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.