ММС

Објавено на: 02/6/21 3:38 PM

Бошњаците ќе го поддржат пописот, најавуваат кампања за подигнување на свеста

Бошњаците целосно го поддржуваат пописот на населението во кој ќе се вклучат со сите свои ресурси, изјави денеска Аделаид Каришик, координатор на „Координативното тело на Бошњаците”

На денешната прес-конференција беше посочено дека невладините организации „Шадрван”, „Лилиум Боснија”, „Диван Хана”, „Едуниса”, „Диван”, Форумот на Бошњаците, Бошњачката културна заедница и „Лиљан”, пратеникот Зекир Рамчиловиќ и колумнистот и политички аналитичар Џелал Хоџиќ застануваат зад оваа иницијатива, за доброто на Бошњаците.

Каришик најави и започнување на кампања во сите урбани и рурални места каде живеат Бошњаците. Главниот слоган на кампањата ќе биде „Битно је бити Бошњак/Бошњакиња”.

-Ќе организираме средби со Бошњаците во Скопје, Чаир, Бутел, Велес, Петровец, Долнени, Сарај, Студеничани, Градско, Струга, Тетово и сите други општини и населени места каде што живеат Бошњаци. Ќе делиме промотивен материјал согласно целта на кампањата. Ќе бидеме присутни на медиумите и социјалните мрежи, ќе поканиме во иницијативата да учествуваат и други интелектуалци Бошњаци, како од нашата држава, така и од БиХ, Санџак, Црна Гора, Србија, Косово и дијаспората. Во кампањата ќе вклучиме влијателни уметници, спортисти, писатели, политичари и други личности, рече Каришик.

Посочи дека е потребен успешен попис од кој ќе произлезат релевантни резултати врз основа на кои ќе градат политики за подобар статус на Бошњаците во Северна Македонија, но и политики за напредок на целата држава.

-Како претходно, така и денес невладините организации покажуваат голема општествена одговорност и имаат направено многу за Бошњаците, дури и многу повеќе од партиите кои се декларираат како такви, а и на нас, кои сме носители во моментот на јавни функции, ни се најдобри коректори и критичари, изјави пратеникот Зекир Рамчиловиќ и додаде дека очекува максимална поддршка од невладините организации.

 

МИА


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.