ММС

Објавено на: 02/6/21 3:08 PM

МИА и БТА договорија зајакната соработка и заедничка борба против лажни вести

Зајакнување на соработката преку размена на сервисите, кои ги продуцираат, заедничка борба против лажните вести и придонес за засилување на новинарските стандарди во медиумската сфера договорија вчера новинските агенции на Северна Македонија и Бугарија, МИА и БТА. Во посета на БТА, вчера беа генералниот директор и главен и одговорен уредник на МИА, Драган Антоновски, заменик-директорот Халит Ајдини и уредничката на генералниот сервис, Ана Цветковска.

Посетата беше реализирана на покана на генералниот директор на БТА, Кирил Волчев, кој неодамна дојде на оваа позиција, а како што изјави Влчев, Антоновски бил првиот директор на новинска агенција, кој му честитал на изборот, а тој го поканил да ја посети бугарската агенција.

На средбите беше констатирано дека соработката меѓу агенциите е мошне добра, но сепак постои простор за нејзино продлабочување, при што Антоновски и Волчев се согласија дека е потребен нов договор, кој ќе биде согласно новите текови на агенциското работење и во себе ќе го опфати мултимедијалниот пристап, односно размена на видео сервисите на двете агенции.

Новиот договор предвидува размена на информации, односно БТА ќе ги добива сервисите на МИА на македонски и англиски јазик и МИА ќе ги добива сервисите на БТА на бугарски и англиски јазик, со исклучок на оние информации, кои засегнуваат трети страни, односно други новински агенции. Договорена е и зајакната соработка на видео сервисите на двете агенции, а БТА беше заинтересирана за воведување на преноси во живо на важни настани преку социјалните медиуми, пракса која МИА ја спроведува одреден временски период.

На средбата, како што информира Волчев во заедничкото гостување со Антоновски во студиото на БТА, била договорена и размена на познати новинари и личности, кои имаат влијание во медиумската сфера, кои ќе гостуваат во МИА и БТА, а оваа идеја би се реализирала по стишувањето на пандемијата со ковид-19.

На средбата се говореше и за борбата против лажните вести и за важноста на агенциите во поставувањето на стандардите во медиумското работење.

-Главен проблем во медиумската сфера во светот, но и на Балканот се лажните вести. Борбата против нив се води не само во медиумите, туку е неопходно и публиката да биде обучена да препознава вистинита од лажна вест, факти од пропаганда. Сите во Северна Македонија знаеме кои се медиумите, кои продуцираат лажни вести, но не се оградуваме од нив да кажеме тие и мисла  дека тука е наш пробчем како еснаф, треба да се оградиме од оние што го валкаат просторот. Борбата против лажните вести бара долг период, не еден месец, нагласи Антоновски.

МИА


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.