ММС

Објавено на: 02/6/21 2:31 PM

Во Грција на сила построг полициски час поради коронавирусот

Грчките власти вчера соопштија дека се воведува построг полициски час во подрачјата на Атика, Солун и Халкидики, по порастот на случаите на коронавирусот, јавува Анадолија (АА).

Бројот на заразени на дневно ниво оваа недела се зголеми за четирипати, што ја зголеми загриженоста на здравствените експерти и ги натера властите да преземат понатамошни чекори за спречување на ширењето на коронавирусот.

„Почнувајќи од денес и во наредните 10 дена, на сила е полициски час од 18 часот до 5 часот наутро за време на викендите во трите региони“, соопшти заменик-министерот за цивилна заштита Никос Хардалиас на прес-конференција.

Во моментов во Грција во сила е полициски час до 21 часот.

Продавници на кои им е дозволено да бидат отворени за време на викендите во трите региони се супермаркетите, пекарниците, бензинските пумпи и аптеките и ќе работат од 7 до 17 часот.

Сите други денови објектите за малопродажба ќе работат на системот онлајн нарачки, како и нарачки преку телефон, а ќе затворат во 20 часот.

Средните училишта во овие региони ќе бидат затворени, а наставата ќе продолжи онлајн.

Во Грција во изминатите 24 часа регистрирани се 1.195 случаи на вирусот, со што вкупниот број од почетокот на пандемијата достигна 162.107.

Од новозаразените, 558 се регистрирани во регионот на Атика, а 150 во Солун.

Во изминатото деноноќие од коронавирусот во земјата починаа 19 лица, со што бројот на смртни случаи достигна 5.922.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.