ММС

Објавено на: 02/6/21 3:11 PM

Сламков: Црвената линија со корупција е помината-Не ни требаат ад-хок ,туку коренити темелни решенија(видео)

За позицијата  на  Македонија, 111 место на индексот на Транспаренси Интрнешнл, вината не треба да се става на  Антикорупциската комисија, ниту за успесите, ниту за неуспесите. ДКСК е превентивно административно тело кое што нема оперативна надлежност, рече во денешното гостување во емисијата Стадион, Ѓорѓи Сламков, поранешен претседател на Антикорупциска комисија.

Тој смета дека сега е вистинско време да се пристапи кон промена на институционалниот модел за борба против корупцијата, a во светот има три такви модели.

„Јас се уште се залагам и ќе се залагам и во иднина, особено сега кога имаме една ваква алармантна ситуација, со показател дека во општеството  црвената линија е помината, да преминеме кон суштински промени, односно да го промениме институционалниот модел за борба против корупцијата. Во светот има три модели за институционална борба, ние го имаме најлесниот, најмекиот. Тоа се превентивни тела. Јас се залагам да преминеме на вториот тип на модел-тоа се Агенции за спроведување на законот, коишто се тела што можат да бидат во рамките на Обвинителството или во рамките на Полицијата, поконкретно се залагам за хрватското искуство. Таму се нарекува Канцеларија за сузбивање на организираниот криминал и корупцијата, коешто е јавно обвинителство. Ние во Македонија имаме таква институција, Јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и тука главната поентата е во интегритетот на лицата кои што работат во таа институција,“ потенцира Сламков.

Тој додава дека не ни се потребни, ад-хок , туку коренити и темелни решенија.

„Многу е битно кој ќе работи во тие тела, треба да се изврши и промена во изборот на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители, на УО на Академијата за судии и јавни обвинители, едноставно да има поголема транспарентност во сите тие постапки,“ рече Славков во денешното гостување во емисијата Стадион на Канал 77.

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.