ММС

Објавено на: 02/6/21 1:39 PM

Влада: Методологијата за спроведување на пописот е во согласност стандардите на ОН и Евростат

Врз основа на Законот за Попис на населението, домаќинствата и становите, а со цел единствена примена на методолошките основи при попишувањето, директорот на Државниот завод за статистика ја објави Методологијата за подготовка, организирање и спроведување на пописот на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија, 2021 година.

Методологијата има за цел обезбедување единствени принципи за организирање на попишувањето и единствена примена на методолошките основи при попишувањето и е наменета за сите учесници во пописот утврдени со Законот за попис, но и за сите корисници на резултатите од пописот.

Таа ги содржи сите потребни методолошкo-организациски и технички објаснувања, со цел да се обезбеди единствена примена на новиот комбиниран методолошки пристап и новата технологија за спроведување на пописот, соопштуваат од Владата.

Комбинираниот пописен метод, кој се воведува за успешно спроведување на пописот е сложен методолошки и технолошки пристап. Обезбедува повеќе можности, базирајќи се на комбинација на податоци добиени на терен преку индивидуално попишување и со користење на податоци од претпописната статистичка база на податоци добиени од постоечки регистри поврзани со користење на Единствениот матичен број на граѓанинот.

Дополнително, за првпат теренско попишување ќе се спроведува со користење на преносни компјутери од попишувачите, поврзани на посебно развиена веб-апликација поставена на cloud (облак), наместо хартиени прашалници.

На овој начин се намалува потребното време за прибирање на податоците, се намалуваат трошоците за пописната операцијата, потребно е помалку време за обработка на податоците, конечните податоци од пописот ќе се добијат побрзо и ќе се обезбеди многу повисоко ниво на квалитет на податоци од пописот.

Единиците кои ќе бидат опфатени со Пописот се: лицата, домаќинствата и становите, односно живеалиштата.

Според Државниот завод за статистика, Пописот ќе обезбеди податоци за три категории на население и тоа:

– Вкупно резидентно население;
– Вкупно нерезидентно население;
– Вкупно попишано население, категорија која ги опфаќа претходните две категории население.

Комбинираниот метод применува претпописна база на расположливи, односно сублимат на бази и податоци од Министерството за внатрешни работи, Министерството за информатичко општество и администрација, Министерството за образование и наука, Агенцијата за вработување, Министерството за труд и социјална политика, Фонд за пензиско и инвалидско осигурување, Управата за јавни приходи, Управа за водење матични книги, Катастар на недвижнини и расположливите податоци во Државниот завод за статистика од редовните статистички истражувања во поглед на образование, витална статистика, бизнис регистер и друго. Дополнително проверка ќе се прави со базите на Фондот за здравствено осигурување.

Пописот, ќе го врши еден или најмногу двајца попишувачи, со најстрого почитување на здравствените протоколи од Министерството за здравство, врз основа на препораките од Комисијата за заразни болести.

Пописот, како најзначајна статистичка операција, е дефиниран според правната рамка и согласно стандардите на Обединетите нации и Евростат, како и друга меѓународна и домашна регулатива.

Попишувањето на населението, домаќинствата и становите како сериозна операција ќе даде базична основа за подготвување на квалитетни политики за општествен и економски развој на државата, кои се од интерес за сите граѓани и затоа е потребно сите да се вклучат во пописот 2021 година, соопштуваат од Владата.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.