ММС

Објавено на: 02/6/21 1:18 PM

Мјанмар го блокира интернетот поради протестите против воениот удар

Воената хунта на Мјанмар го блокираше интернетот во целата земја поради протестите против извршениот воен удар во земјата, потврди денес провајдерот на мобилни услуги во земјата, јавува агенцијата Анадолија (АА).

„Министерството за транспорт и врски во Мјанмар им наложи на сите мобилни оператори привремено да ја исклучат мрежата за пренос на податоци во Мјанмар. Гласовните и СМС-услугите остануваат неблокирани“, изјави норвешкиот телекомуникациски гигант „Теленор“, кој е присутен со втората по големина мобилна мрежа во Мјанмар.

Во својата наредба, Министерството ја наведува „правната основа во Законот за телекомуникации во Мјанмар, циркулацијата на лажни вести, стабилноста на земјата и интересот на јавноста како основа за наредбата“, се вели во соопштението на операторот.

Потегот уследи откако властите ги блокираа Фејсбук, Твитер и Инстаграм по воениот удар извршен против избраната влада на Аунг Сан Су Чи, која ја водеше земјата од позицијата на државен советник од 2016 година.

Војската по извршениот пуч во понеделникот ја уапси Су Чи и многу нејзини функционери од партијата.

Фриленсерот на Агенција Анадолија во Јангон, Кјав Је Лин, телефонски потврди дека нема пристап до интернет во најголемиот град во земјата.

„Пред исклучувањето на интернетот во мојата област добив јавувања за исклучување на интернетот и во неколку други области“, рече тој.

Според ИТ-групацијата „Монаш“, со седиште во Австралија, значителен пад на интернет-конекцијата е регистриран во неколку градови, вклучувајќи ги Јангон, Мандалај, Качин, Магве, Баго, Кајах и Мон, од 07:00 часот по локално време (0030GMT).

„Уличните протести избувнаа во Јангон. Полицијата беше распоредена за да ги блокира демонстрантите. Засега нема насилство“, рече Кјав Је Лин, додавајќи дека има јавувања за протести и во неколку други градови.

Телекомуникациската компанија изрази длабока загриженост и им нагласи на властите дека „пристапот до телекомуникациските услуги треба да се одржува во секое време, особено за време на конфликт, со цел да се обезбедат основните права на луѓето на слобода на изразување и пристап до информации“.

„Длабоко жалиме за влијанието што го има исклучувањето [на интернетот] врз жителите на Мјанмар“, се додава од компанијата.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.