ММС

Објавено на: 02/6/21 8:21 AM

Софија се раскара и со Белград поради бугарската „администрација“

Српскиот амбасадор во Софија Жељко Јовиќ бил повикан на итен состанок со шефот на Дирекцијата за југоисточна Европа при бугарското Министерство за надворешни работи.

Причината за оваа покана, како што пишуваат бугарски медиуми пренесувајќи ја БТА, била изјавата на професорот на Факултетот за политички науки Драган Симеуновиќ и вршител на должноста директор на владината Академија за национална безбедност, кој во интервју за националната телевизија IN4S повеќе пати ги нарекувал Бугарите „ Ѕверови што убиваат сè што ќе видат “.

Професорот Симеуновиќ во интервјуто зборувал за злосторства и злодела на бугарската армија во минатото во јужна Србија и во Македонија, но и за територијалните претензии на Бугарија кон Македонија и јужна Србија.

Според БТА, бугарската страна објавила дека изјавите на Симеуновиќ се бесрамна демонстрација на говорот што влева трајна омраза кон Бугарија и Бугарите и побарале извинување.

Како што дознава Танјуг од дипломатски извори, „случајот“ бил решен со појаснување дека Симеуновиќ ги давал тие изјави како приватно лице и вршител на должноста директор на високообразовната институција Академијата за национална безбедност, а не како раководител на државна институција, односно Националната агенција за безбедност, како што било интерпретирано во бугарското МНР, пренесоа синоќа српски медиуми.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.