ММС

Објавено на: 02/5/21 11:17 PM

Интер е сериозен во намерите за Скудето: Фиорентина немоќна против расположениот тим на Конте

Тимот на Антонио Конте ита кон Скудетото, прво по пауза од 12 години. Интер е сериозен во намерите во освојувањето на титулата сезонава во Италија, а последна на списокот „жртви“ на црно-сините беше екипата од Фиренца.

Со головите на Барела и Перишиќ, Интер ја совлада Фиорентина на гостински терен и привремено се осамостои на врвот на табелата во Сериа А со 47 бодови.

На крилјата на фантастичниот играч од средината на теренот, воедно и еден од најконстантните поединци во составот на Конте, Николо Барела, „нероазурите“ одиграа сигурна партија на „Артемио Франки“ и се вратија во Милано со целиот плен.

По неколкуте одлични одбрани на чуварот на мрежата на домаќините, Бартломиеј Драговски, отпорот конечно беше скршен. Одмерениот шут по акцијата која следеше по краткиот корнер заврши во мрежата на Полјакот и резултатот на семафорот во 31-та минута беше променет.

Во вториот дел Фиорентина се консолидираше, но кратката иницијатива на теренот не успеа да ја валоризира. Затоа Интер преку Перишиќ во 52-та минута од дуелот го оконча резултатот и во „џеб“ стави три исклучително важни бода во трката за титулата со градскиот ривал Милан.

Екипата на Стефано Пиоли во недела има шанса против Кротоне на „Сан Сиро“, повторно да се врати на тронот во Италија.

 

 

 

Фото:

Тwitter / @SeriaA_EN


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.