ММС

Објавено на: 02/5/21 8:50 PM

Царовска: Реформата не смее да се поврзува со надворешно политичко прашање

Реформата во основното образование никако не смее да се поврзува со надворешно политичко прашање, изјави вечерва министерката за образование и наука Мила Царовска.

– Со години го бираме тајмингот за да го реформираме основното образование, што е основа за образовниот систем. Ние не зборувавме за историја кога се правеше концептот. Историја како и другите предмети го гледаме како научна дисциплина која треба да се организира и да се поврзе тематски, рече Царовска во „Само интервју” на Канал 5 телевизија, додавајќи дека не станува збор за тоа дали некој ја оспорува нашата историја, туку се работи за образовна реформа која треба да даде основа.

Таа посочи дека предметот општествени науки, од прво до трето одделение преоѓа во наслов Човек и општество, а од четврто до деветто Историја и општество.

Концепцијата, како што рече, е работена во период од три месеци, а се базира на знаења, искуства и истражувања.

– Министерот не пишува наставни програми. Наставната програма ја пишуваат експерти по дадена област, рече Царовска, додавајќи дека немаат задни намери и оти се што прават е транспарентно.

Царовска истакна дека сите релевантни фактори во државата биле запознаени со реформата која се подготвува и дека истата се очекува да биде дефинирана и да започне со имплементација од септември 2021 година.

– Ние не брзаме со креирањето на реформата, туку напротив доцниме. Концепцијата е предвидена во Законот за основно образование и веќе втора година доцниме со имплементацијата и тоа е фактична состојба, рече Царовска додавајќи дека за подготовка и воведување на целата реформа има доволно време од година и половина.

Таа посочи дека интегрираните наставни програми кои ќе се подготват по усвојувањето на концепцијата, нема да бидат новина во нашиот образовен систем бидејќи тие постојат и сега. Уште еднаш потврди и дека нема да има бришење на ниту еден предмет или содржини и дека и понатаму ќе се изучуваат историја, физика, хемија, географија, но научните дисциплини ќе бидат поставени модуларно.

– Неоправдан е стравот дека со реформата ќе излеземе во пресрет на барањата на Бугарија, затоа што оваа реформа не е поврзана со ниту едно надворешно политичко прашање. Проблем настана кога започнаа во јавноста да се пласираат лажни вести поврзани со предметот историја, истакна министерката за образоцвабие и наука.

Во однос на сексуалното образование, Царовска рече дека лажна вест е дека се воведува во второ одделение.

– Ние велиме изборен предмет во деветто одделение го ставаме сексуално образование, тоа е веќе на 14, 15-годишна возраст, длабоко во пубертет. Зборуваме за сексуалност и слика за себе, за тоа треба да се зборува, рече Царовска.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.