ММС

Објавено на: 02/5/21 3:15 PM

Доцниме, но нема да брзаме со образовните реформи: Зоран Заев за Нацрт-концепцијата за основно образование

Комисија за образование, наука и спорт во Собранието ја одржа јавната расправа за Нацрт-концепцијата за основно образование на која присуствуваа премиерот Зоран Заев, министерката за образование и наука Мила Царовска, владини претставници, МОН, како и претставници од државните образовни институции, професори од педагошките факултети, МАНУ, невладини и меѓународни организации.

„Целта на реформите во образованието е да се модернизира истото со нов модел кој ќе влече инспирација од модерните образовни системи, но ќе биде адаптиран на економско-општествените состојби во земјата.                                                                                                                                                 -Велат дека брзаме со образовната реформа. Јас мислам спротивно – ние доцниме со реформите во образованието. Тие требаше да се случат пред десетина години зашто како неопходност ги наметнуваше исклучително брзиот развој во сите сфери на општеството. Доцниме, но нема да брзаме со реформите. Да дизајнираме најсоодветна реформа која е во најдобар интерес на децата. Со иновативен модел да им овозможиме на децата да го постигнат својот потенцијал“, истакна премиерот Заев во своето обраќање додавајќи дека вака ќе се расчистат дезинформациите околу концепцијата за образованието.

Тој додаде дека не се предвидува ниту намалување на наставниците по историја, географија и граѓанско образование, туку овој концепт ќе им овозможи кариерен развој токму нив.

Министерката Мила Царовска истакна дека овој процес не смее да запре затоа што децата секоја година учеле од неквалитетни учебници и следеле несоодветна програма со која се правела штета на младите генерации.

„Сите анализи покажаа дека нашите деца не се стекнуваат со потребните вештини и не можат да го развијат својот целосен потенцијал поради лошиот образовен систем. Според ОЕЦД, учениците до 14 години во Македонија добиваат околу 900 часа помалку настава во споредба со другите земји членки, а според УСАИД тие имаат тешкотии во основните вештини. Нивните тестирања покажуваат дека помалку од 40% во второ одделение ги завршиле задачите со прочитан текст, наспроти меѓународното мерило од 80%. Овие бројки значат уништени генерации и идни човечки потенцијали„ истакна министерката за образование и наука, Мила Царовска пред присутните во Собранието.

Академик Владо Камбовски во денешното обраќање на јавната расправа даде поддршка на новата концепција за основно образование.

„Не смееме да го одложиме носењето на концепцијата. Не смееме да губиме години. Сметам дека вакви слични дебати треба да имаме и за реформи во средното и за високото образование. Оваа реформи ќе треба да отвори расправа и затоа какво ни е предучилишното образование и какво ни е средното образование”, истакна Камбовски.

Виолета Петровска-Бешка и Кирил Барбареев, членови на работната група која ја креираше Нацрт-концепцијата, истата ја претставија пред присутните.

Реформата предвидува нов наставен план според кој во основните училишта ќе има осум или девет задолжителни предмети и поголем број изборни во две групи, мајчин јазик и математика, англиски јазик, природни науки (содржини од биологија, географија, хемија и физика) и општествени науки (содржини од историја, општествена географија, граѓанско образование, религии, етика). Во втората група задолжителни предмети треба да бидат предмети кои покриваат уметничко образование, физичко и технолошко-информатичко образование.

Орце Костов

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.