ММС

Објавено на: 02/5/21 2:24 PM

Преку меморандум за соработка со Пендаровски ќе се унапредуваат правата на граѓаните со хендикеп

Македонија ја ратификуваше Конвенцијата на Обединетите Нации за правата на лицата со попреченост во 2011-та година, одредбите од тој документ во пракса речиси и да не се имплементираат. Ова го истакнаа претставниците на граѓанската организација „Полио Плус – движење против хендикеп” на денешната средба со шефот на државата, Стево Пендаровски. Тие му ги предочија и најголемите предизвици со кои се соочуваат лицата со хендикеп во македонското општество.

Еден од најголемите предизвици и натаму останува пристапноста и достапноста до објектите – порачаа од Полио плус од каде сметаат дека е потребна и вклученост на лицата со хендикеп при носење на стратешки документи и закони, како и поголема институционална поддршка.

Тие потпишаа меморандум за соработка со Пендаровски, а очекувањата се дека ваквиот документ ќе ја унапреди заштитата и промоцијата на нивните права.

„За реална вклученост на лицата со попреченост во општествениот живот, треба постојано да се подигнува јавната свест на заедницата. Вие сте рамноправни граѓани и наша обврска е да направиме се’ што е во наша моќ за да овозможиме еднакви услови и целосна социјална интеграција”, порача претседателот на денешната средба.

Во оваа насока, како што рече претседателот Пендаровски потребен е поголем придонес за мерките и препораките предвидени со Конвенцијата да се спроведат со посакуваната динамика.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.