ММС

Објавено на: 02/5/21 11:06 AM

Трамп нема да сведочи во процесот за импичмент

Правниот тим на поранешниот американски претседател Доналд Трамп ги отфрли повиците за сведочење на судењето за импичмент во Сенатот, јавува Анадолија (АА).

Потегот следуваше откако главниот раководител одговорен за процесот на импичмент, Џејми Раскин, испрати писмо до адвокатите на Трамп со барање тој да сведочи или пред или за време на судењето наредната недела.

„Ние би предложиле да го дадете Вашето сведочење (се разбира, вклучувајќи вкрстено испрашување) веќе в понеделник, 8 февруари 2021 година, а не подоцна од четврток, 11 февруари 2021 година. Би биле задоволни да организираме такво сведочење во заедничко погодно време и место“, напиша Раскин во писмото.

Адвокатите Брус Кастор и Дејвид Шен брзо ја отфрлија можноста за какво било сведочење од страна на Трамп и го нарекоа барањето „трик за односи со јавноста“.

Тие му рекоа на Раскин дека не може да ги докаже обвинувањата против поранешниот претседател, за кого правниот тим рече дека „сега е само граѓанин“.

Високиот советник на Трамп, Џејсон Милер, за националното јавно радио „Доменико Монтанаро“ изјави дека Трамп нема да сведочи на судењето.

„Претседателот нема да сведочи во неуставната постапка“, изјави тој.

Трамп се соочува со обвиненија дека ги поттикнал немирите на 6 јануари во Капитол Хил, во кои загинаа пет лица. Тој стана единствениот претседател во историјата на САД на кого двапати му бил изречен импичмент, откако Претставничкиот дом на 13 јануари гласаше да бараат одговорност за „поттикнување бунт“.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.