ММС

Објавено на: 02/4/21 9:31 PM

Кон почетокот на следната недела ќе ги промовираме мерките, изјави Бектеши

Министерот за економија Крешник Бектеши верува дека следната недела ќе биде објавен новиот петти антикризен пакет мерки за поддршка на граѓаните и стопанството.

Во емисијата „Вин-Вин” на телевизија Телма, министерот најави дека до понеделник ќе се направи уште една консултација со стопанските комори и со синдикатите со цел да се прецизираат предлог-мерките.

– Утре имаме уште еден состанок во склоп на Владата. Убеден сум дека кон почетокот на следната недела ќе ги промовираме мерките. Во текот на наредните денови до понеделник ќе имаме дополнително состанок со стопанските комори и со синдикатите. Ќе ги разгледаме уште еднаш нивните коментари на нашите предлози кои се донесени во консултација со различни засегнати страни, рече Бектеши.

Тој се надева дека мерките од петтиот пакет, како и претходните ќе ги дадат очекуваните резултати и ќе бидат насочени кон поддршка на граѓаните и на компаниите.

Во однос на злоупотребата со финансиската поддршка за плати што се прави од страна на компаниите, а за што денеска на прес-конференција информираше и директорката на Управата за јавни приходи, министерот Бектеши е со став дека оние компании кои ги злоупотребиле парите, нема да добијат повеќе помош од страна на државата.

– Тоа сум го барал и во Владата и јавно кажувам дека треба да ставиме критериуми – компаниите кои се објавени од страна на УЈП, да не можат да аплицираат за да добијат помош, а ако треба, за нивните вработени ќе се грижи државата, рече Бектеши во вечерашното гостување на Телма телевизија.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.