ММС

Објавено на: 02/4/21 3:45 PM

Делчево ја одбележа 149. годишнината од раѓањето на Гоце Делчев: Многу соборци на великанот биле токму од делчевско

Делчево денес ја слави 149. годишнината од раѓањето на великанот и својот патрон, Гоце Делчев. Профеосорот по историја во пензија, Стеван Манасиев вели дека Гоце Делчев со право е патрон на некогашно Царево Село, кое од 1950 година го носи неговото име. Ова го темели на фактот што Делчев, често престојувал во овие краишта, за што според него говори и податокот дека голем број на борци кои биле негова десна рака, потекнуваат од делчевско.

-Гоце Делчев од нашата околија имал многу борци и тоа првите вооружени борци-револуционери биле од овој крај. Меѓу позначајните такви имиња ќе ги спомнам неговиот курир Антон Сарафов од село Саса, Стоица Панчаревчето од село Панчарево, тие се најважни иако има и други борци. Тие луѓе се бореле навистина и многу од нив животот го дале за таа кауза и за ослбодување. Гоце Делчев како да имал некое претчустство дека ќе загине, ама народот ќе ја добие слободата. Имал таква верба во народот, поради што неговите идеи ги прифатил целиот македонски народ и затоа никој не треба никогаш да се откажува од таквите идеи, кога веќе сме создале држава, вели Манасиев.

Манасиев има нашишано историска драма за Гоце Делчев и неговите соборци во кои ја опишува борбата за ослободување од тогашното ропство и создавање на македонска држава.

-Гоце Делчев е основоположник на вековната борба за ослободување на Македонците од Османлиско ропство и се залагал за создавање на македонска држава со сите атрибути. Затоа тој со своите идеи како ученик, бил трн во окото на непријателите на Македонија, прво на Османлииите, па потоа и на другите шовинисти, кои сега сакаат да го направат свој херој, додава Манасиев.

Како дел од одбележувањето на 149 годишнината од раѓањето на патронот Делчев, пред неговиот споменик во центарот на Делчево, се поклонија и свежо цвеќе положија, делегација од Општина Делчево, претставници од Советот на Општина Делчево, претставници од институциите, политички партии, здруженија на граѓани и претставници на Организацијата на резервни офицери. Градот Делчево името на великанот Делчев го носи од 23 април 1950 година, кога со одлука на президиумот, тогашно Царево Село е преименувано по името на револуционерот Гоце Делчев.

Валери Спасевски


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.