ММС

Објавено на: 02/4/21 1:06 PM

Тринаесет илјади вработени на „Американ ерлајнс“ под ризик да ги изгубат работните места

Американската авиокомпанија „Американ ерлајнс“ (American Airlines) соопшти дека е можно да ги пушти на неплатен одмор своите 13.000 вработени бидејќи пандемијата на Ковид-19 продолжува негативно да влијае врз овој сектор, пренесува Анадолија (АА).

Во пораката испратена до вработените на компанијата во врска со ова прашање од страна на извршниот директор Даг Паркер и претседателот на „Американ ерлајнс“, Роберт Исом, се наведува дека поминале речиси пет недели од 2021 година, но дека состојбата е слична со 2020 година.

Во пораката, исто така, се истакнува дека испораката на вакцините против Ковид-19 не се врши толку брзо како што се очекувало, и дека новите ограничувања донесени во меѓународните патувања ја намалуваат оваа побарувачка.

Според пораката, постои ризик од пуштање на неплатен одмор на 13.000 вработени бидејќи на 31 март завршува пакетот за помош за авиокомпаниите.

„Американ ерлајнс“ во септември минатата година пушти 19.000 вработени на неплатен одмор, додека со поддршката обезбедена за секторот на авијација, во декември минатата година овие вработени беа повикани на работа.

Авиокомпанијата соопшти дека во 2020 година претрпела загуба од 8,9 милијарди долари поради пандемијата на Ковид-19.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.