ММС

Објавено на: 02/3/21 8:21 PM

Граѓаните не се процент, какви и да се резултатите од пописот, стекнатите права нема да се ускратуваат, изјави Костадинов

ВМРО-ДПМНЕ како и секоја партија во Собранието има деловничка можност преку пратениците да поднесе предлог закон и затоа нивната операција за собирање потписи се надевам дека не е од незнаење, туку само му е потребна на Христијан Мицкоски да си го преброи лојалното членство, порача вечерва пратеникот и портпарол на СДСМ, Костадин Костадинов во емисијата „Само интервју” на Канал 5 телевизија.

-ВМРО ДПМНЕ неколку години има препознатлив стил на водење политика, го бојкотираа референдумот, бојкотираа избори, сега има најави за бојкот, најави за одложување на пописот. Се што е важно за граѓаните и за државата тие го бојкотираат и опструират, посочи Костадинов.

Во однос на барањата за одлагањето на пописот, Костадинов истакна дека ако има реални причини може да се помести за еден месец, но тоа нема да промени ништо, а државата веќе предлог период, скоро 20 години е без спроведен попис.

-Пописот е важен да ја дознаеме образовната, демографската, социјалната структура на населението, важен е за општините за локалниот развој, за подобро димензионирање на Генералните и Деталните урбанистички планови во населените места, за да планираме квалитетни и спроведливи стратегии и политики, подвлече Костадинов.

Костадинов ги повика граѓаните да бидат внимателни на лажните вести што се шират околу пописот, отфрлајќи ги шпекулациите дека резултатите наводно се веќе однапред договорени.

-Треба да имаме на ум дека ВМРО-ДПМНЕ во студија финансирана од ЕУ е нотирана како извор на лажни вести. Лага е тоа дека резултатите се однапред договорени. Граѓаните не се процент и без разлика на резултатите, нема да има скратување на веќе стекнатите права, порача Костадинов додавајќи дека треба да се расчистат и дилемите околу врзаните потписи на директорот и заменик директорот на Државниот завод за статистика.

Според него, од првиот ден кога ќе започне пописот нема да има никаков врзан потпис и никој нема да се потпишува под резултатите.

 

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.