ММС

Објавено на: 02/3/21 7:07 PM

Државите на Г7 и ЕУ заеднички го осудија воениот удар во Мјанмар

Групата на најзначајни светски економски сили Г7 и Европската Унија денес објавија заедничка изјава со која го осудија воениот удар во Мјанмар и ја повикаа Војската да ги пушти сите што се неправедно уапсени, јавува Агенција Анадолија (АА).

„Ние, министрите за надворешни работи на Г7, Канада, Франција, Германија, Италија, Јапонија, Обединетото Кралство и САД, и високиот претставник на ЕУ, сме единствени во осудата на воениот удар во Мјанмар“, се наведува во заедничката изјава.

Министрите за надворешни работи го критикуваа апсењето на политичките лидери и активисти на граѓанското општество, вклучувајќи ја челничката на Мјанмар, Аунг Сан Су Чу, и претседателот Вин Мјинт, а изразија загриженост поради воените акции насочени кон медиумите.

„Ја повикуваме Војската веднаш да ја запре вонредната состојба, да ја врати моќта на демократски избраната влада, да ги ослободи сите неправедно уапсени и да ги почитува човековите права и владеењето на законот. Резултатите од ноемвриските избори мора да се почитуваат и седницата на Парламентот треба да се свика што е можно поскоро“, се наведува во соопштението.

Министрите за надворешни работи потсетија и на нивното соопштение од минатата година во кое ја истакнаа приврзаноста кон мјанмарската демократска транзиција и кон мирот и одговорноста за кршењето и злоупотребата на човековите права.

„Го поддржуваме народот на Мјанмар кој сака да ја види демократската иднина“, нагласија министрите.

Мјанмарската Војска, официјално позната како Татмадау, во понеделникот прогласи вонредна состојба неколку часа по притворањето на челничката на земјата, Су Чу, и останатите водечки членови на владејачката партија Национална лига за демократија (НЛД).

Воениот удар се случи неколку часа пред првото заседание на новиот состав на Парламентот, свикано по изборите во ноември минатата година, на кои партијатата НЛД оствари победа.

Војската тврди дека пучот е извршен поради „изборна измама“ на гласачките места, што, како што е соопштено, резултирало со доминација на НЛД во Парламентот.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.