ММС

Објавено на: 02/3/21 6:42 PM

Харден: Не се работи за поени, ниту за статистика, важно е да победуваме

Џејмс Харден е најдобриот асистент во НБА лигата во моментот. Да, поранешниот кошаркар на Хјустон Рокетс кој во минатото се поврзуваше со скорерски контекст, во новата средина доживеа целосна играчка трансформација.

Со 11.2 точни додавања во просек по меч, „брадата“ е предводник на табелата на асистенти во регуларниот дел во лигата и тоа за многумина претставува навистина пријатно изненадување.

Против Клиперси синоќа Харден забележа 23 поени, 11 скокови и 14 асистенции, додека популарното трио изгледаше „страшно“, како што и самиот кошаркар ја опиша фотографијата на која Дурант, тој и Ирвинг комуницираат на паркетот.

Сепак, за НБА ѕвездата бројките и статистиката не играат голема улога. За него, победувањето е исклучиво важно.

-Доаѓајќи во овој тим, очигледно како водечки скорер во лигата во последните години…малкумина кошаркари можат да ја сменат улогата и нивната игра. Не се работи за поени, ниту пак за статистика за мене. Победувањето е единствено важно, изјави Харден.

Нетси во неизвесна завршница ги поразија Клиперси со 124:120.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.