ММС

Објавено на: 02/2/21 11:51 PM

На Саутемптон му се повтори ланскиот Лестер: Јунајтед победи со 9:0, ВАР контроверзите уште еднаш пред очите на фановите

Манчестер Јунајтед го совлада Саутемптон на „Олд Трафорд“ со 9:0. Да, добро прочитавте. Алекс МекКарти дури девет пати ја вадеше топката од својата мрежа против „црвените ѓаволи“.

Дебито на младиот Швајцарец во дресот на Саутемптон не беше нималку сјајно. Александре Јанкевиц уште во првата минута по непромислениот старт врз Скот МекТоминај заработи директен црвен картон и заслужено ја напушти играта. На Јунајтед не му требаше многу.

Одличниот центаршут во 18-тата минута од втор план го проследи Ван-Бисака и ја „отвори сметката“ на вечерашниот дуел. Рашфорд седум минути подоцна по додавањето на Гринвуд го удвои резултатот, а мизеријата за гостите од југот на Англија ја продолжи Јан Бендарек со авотоголот во 34-тата минута. Втората асистенција на Лук Шо ја валоризираше Единсон Кавани во 39-тата минута.

Кога сите мислеа дека Манчестер Јунајтед ќе ја тргне ногата од гас во вторите 45 минути и Солскјер ќе ги одмори главните играчи, на Саутемптон му се случи истото што и лани против Лестер. До 70-та минута на „Театарот на соништата“  бројките на семафорот стоеја непроменети. Оттогаш екипата на Хасенхатл успеа да прими неверојатни пет погодоци. Претходно ВАР-системот не му дозволи на Че Адамс да се запише во листата на стрелците поради минимален офсајд кој веројатно само судиите на „Стоукли Парк“ го забележаа.

„Петардата“ во продолжението ја започна Марсијал по додавањето на Бруно Фернандес. Не поминаа две минути откако Скот МекТоминај со одмерен шут од дваесеттина метри го проби голманот на црвено-белите, а дефинитивно моментот кој го одбележи полувреме и можеби целиот натпревар се случи во 87-мата минута. Дефанзивецот кај декласираните, Јан Бендарек, го фаулираше Марсијал во својот шеснаесетник и таквиот фаул од страна на арбитарот Мајк Дин беше окарактеризиран како фаул и удар од белата точка.

Репетицијата што беше понудена на гледачите од ВАР-системот покажа сосема друга димензија. Чешкиот репрезентативец со намера избегнува контакт со францускиот напаѓач и практично не го допира при падот. Иако Мајк Дин имаше прилика самиот да ја погледне по вторпат ситуацијата, одлуката остана иста. И не само што остана иста, тој старт на Бендарек е санкциониран со црвен картон. Од ревијата на црвени картони вечерва во Премиер Лигата, заслужени, сомнителни и спорни, најдебелиот крај го извлече Саутемптон.

Португалецот стандардно сигурно го изведе пеналот, додека Марсијал по вторпат и по првпат Џејмс го уништија опонентот и ја „нахранија“ гол разликата на табелата во најдобрата, барем на хартија, светска клупска лига.

Со оваа победа тимот на Оле Гунар Солскјер се изедначува со градскиот ривал Сити на првата позиција. Да се напомене, Манчестер Сити е прв со 44 поени и два натпревари помалку.

 

 

 

Фото:

Тwitter / @PremierLeague


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.