ММС

Објавено на: 02/2/21 6:21 PM

Напролет ќе се формира Мешовита меѓувладина комисија помеѓу Србија и Северна Македонија за малцинствата

На иницијатива на Северна Македонија, по средбата на преставници на Македонската амбасада во Белград со министерката за човекови и малцински права и социјален дијалог, Гордана Чомиќ, решено е Србија и Северна Македонија да отпочнат со процедурата за формирање Мешовита меѓувладина комисија помеѓу РС и РСМ за заштита на малцинствата, јави дописникот на МИА од Белград.

Како што соопштија од Македонската амбасада во Белград, „формирањетото на Мешовитата меѓувладина комисија помеѓу РС и РСМ за заштита на малцинствата во согласност е со Спогодбата меѓу Република Македонија и Србија и Црна Гора за заштита на македонското национално малцинство во Србија и Црна Гора и за заштита на српското и црногорското национално малцинство во Република Македонија, склучена во Скопје на 6 јули 2004 година и во сила од 19 јули 2005 година.”

Министерката Чомиќ денеска за време на посетата на Националниот совет на Македонците во Србија, изјави дека Мешовитата меѓувладина комисија меѓу Србија и Северна Македонија ќе се формира оваа пролет и таа ќе ги следи договорите меѓу двете земји во врска со реципроцитетот во почитувањето на правата на српската национална заедница во Северна Македонија и македонската заедница во Србија.

-Србија има такви мешовити комисии со другите земји во регионот и конечно еве со Македонија. Нашите други задачи се однесуваат на слободата на националните малцинства да учествуваат во пописот, изборите, нивните човекови права, правото на образование, учење јазик … Сè она што е запишано во законите донесени од Србија, кои заедно со националните совети треба да ги претвориме во секојдневниот живот во Србија, изјави Гордана Чомиќ.

Претходно, на средбата на министерката Чомиќ со в.д. амбасадор на Република Северна Македонија во Белград, Александар Поповски, таа потенцираше дека Србија ќе побара од националните совети на малцинствата да достават предлози или барања во делот на Пописот што ќе се одржи во октомври во Србија, а кој се однесува на малцинствата во РС.

-Чомиќ истакна дека овој став на Србија е со цел Пописот (особено во делот на малцинствата) да биде претставен во најдемократско светло, и малцинствата во РС да го доживеат природно, а со цел добивање позитивни оценки од страна на Европската Унија – РС се обидува да добие подобра оцена во Извештајот од ЕК за 2021 година во делот за човекови права и владеење на правото. Многу важно за Владата на РС е да се отстранат политичките препреки за реализација на Пописот, се наведува во соопштението на македонската амбасада во Белград.

 

МИА


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.