ММС

Објавено на: 02/3/21 7:08 PM

Ми се плачеше, но зборовите „мама ти ќе бидеш добро“ ми даваа сила – Фросина Крстевска го победи ракот на грлото на матката

Дека ќе добие братче или сестричка, очекувал малиот Даријан од Скопје кога во 2018. година морал да се раздели на неколку дена од својата мајка Фросина. Таа му соопштила дека ќе оди на ‘операција на мешето’ во една од болниците во градот. Искрата на надеж дека ќе биде батко, кај Даријан кој тогаш имал три години, згаснала набргу по средбата со веќе оперираната мајка во болничката соба. Сфатил дека нема бебе, но не и зошто мајка му мора да лежи таму. Всушност, Фросина и нејзиниот сопруг не можеле да му објаснат на синчето дека таа се соочила со голем здравствен проблем кој го разбил спокојот во нивното секојдневие. Секоја година во Македонија во просек 150 жени ја добиваат дијагнозата рак на грлото на матка, а скопјанката Фросина Kрстевска е една од нив.

Болеста рак на грлото на матката,  односно цервикалниот карцином се најде во фокусот на кампањите што ги организираа невладините организации и здравствените власти од повеќе држави ширум светот. Тие се обидоа да ја зголемат јавната свест во рамките на Европската недела посветена на ракот на грлото на матката во период од 18 до24 изминатиот месец. По тој повод разговаравме со Фросина Крстевска, која реши за Македонски медиа сервис да ја раскаже борбата со болеста од личен агол. Нејзината приказна почнува болно, но има среќен крај, бидејќи ракот сега е само спомен од минатото.

-Кога имав 37 години добив крварење и на инсистирање од мајка ми закажав преглед на ГАК. Докторката уште тогаш ми рече дека ситуацијата е страшна и предложи да се направи биопсија. Денот кога ги добив резултатите кои потврдија дека се работи за карцином беше петок и така почна целата моја голгота – се сеќава Фросина

-Кога ги зедов резултатите се исплакав дома и си реков „мора да го поминеш тоа“. Ги избришав солзите и станав-додава младата жена.

-Моите родители  немаат друго дете освен мене. Јас кога кажав дека имам карцином со мајка ми само се гледавме немо. Татко ми не знам како реагирал, мајка ми му кажала. А сопругот рече се’ ќе направиме, но ако ти не си помогнеш, ние не можеме. Што е до нас ние ќе направиме, но ако ти паднеш психички ние ништо не можеме. Ми рекоа не се секирај за детето, нека биде сe’ како што треба, баба ќе го чува. Мајка ми и сопругот ми рекоа не се нервирај, ние сме со тебе и ти не паѓај психички-споделува Фросина.

Откако ги добила тие резултати закажала средба кај д-р Игор Алулоски, кој важи за еден од најпрофесионалните во земјава кога се работи за ракот на грлото на матката. Докторот и’ препорачал да направи преглед со магнетна резонанца. Талкањето низ здравствените лавиринти траело над три недели. На Фросина и’ биле потребни дваесетина дена за да ги добие резултатите и во целиот тој период ноќите траеле како цела вечност, но сопругот и детето кои спиеле до неа и’ биле главен мотив за да не се откаже.

-Додека ги чекав резултатите од магнетот, решив да закажам преглед во една од приватните болници во Скопје. Таму докторот топло ме пречека и ми кажа дека ќе мора да ми направи операција и да се извади целата матка. Веќе подоцна, за време на операцијата тој сепак констатирал дека ракот метастазирал и на лимфните жлезди, па така останав и без нив – се сеќава Фросина.

-Соопштувањето на веста дека сепак ќе мора да легне под хируршки нож ја срушила уште толку, но мислата за детето и’ била главна водилка.

-Тоа беше лошо искуство, но јас си велев на себе Фросина имаш дете од три години и мораш да го поминеш овој пат, сакала или нејќела. Никој друг нема да го помине за тебе. Во оваа ситуација, зборот „мора“ се покажа како многу успешен. Детето беше многу мало и навистина беше исцрпувачко смислувањето на планот што да му кажеме, бидејќи тоа беше првпат да се разделиме – вели нашата соговорничка.

На Даријан му соопштиле дека мама ‘ја боли мешето’ и дека докторите ќе мора да и’ го исечат, токму така како што направиле кога го донесувала него на свет. Оттука, малото момченце помислило дека неговата мајка повторно ќе роди бебе, но кога прашало дали е тоа така, Фросина занемела.

-Тој дојде во болницата и ме посети, ме праша „зошто мама ти тука нанаш, а не дома“? Му реков ќе седам уште 2 дена и ме праша каде е бебето? Се збунив не знаев како да му објаснам, беше како да го лажам. Тоа беше болно за мене, а и за детето – додава Крстевска.

Враќањето дома пак, отворило нова страница придружена со нов проблем. Фросина веќе не била во состојба да го крева во раце своето синче кое како и сите други деца имало потреба да биде во прегратката на мајка си.

-Кога дознавате дека иамте карцином почнувате редослед на лечење, но мора да се воздржите за целиот тесен круг на семејството, бидејќи и тие тагуваат.  Некои пациенти се затвораат во себе, плачат, но јас иако имав потреба за плачење, немав време кога тоа да го сторам.

Се малтретирав по цел ден, од една на друга клиника, па чекаш резултати. Тоа беше голгота и времето ми беше ограничено. Ако не го средев тоа ќе преминев во друг стадиум – додава скопјанката. Додека да се свести, таа веќе станала пациент на Клиниката за онкологија. Себеси се убедувала дека  таму ќе стапне само еднаш и никогаш повеќе, но без да знае, нејзината мајка му се јавила на хирургот, кој пак, ја побарал  и и’ објаснил дека онколозите се исто така алка од синџирот на лечење.

-Ти ми рече дека имам дома некој што ме чека и ќе морам се’ да поминам. Сега е прав момент за тоа да се реализира – и’ рекол докторот.

Фросина со резултатите од операцијата кои покажале дека карциномот е во втор стадиум, прво се упатила кај д-р Нино Васев, а потоа и кај друга докторка од истата клиника. Токму таа и’ соопштила дека ќе мора да прима хемотерапија. Добрата вест било тоа што нејзото хемо не било многу агресивно, така што за разлика од многу други пациенти, Фросина не морала да се збогува со својата коса.

-Кога бев на хемо ми беше тешко. Јас не сум човек што плаче, но длабоко ме допре кога ги видов луѓето на Онкологија, си реков овие луѓе Господе дали мора вака да се мачат. Многу ми влијаеше психички, но благодарение на моето семејство успеав. Се држев позитивно и знаев дека Даријан е тука во секој момент, зборовите „мама ти ќе бидеш добро“ ми даваа сила. Фала му на Господ, немав некои потешкотии од хемото. Имав гадење, но докторката ми даде насоки и совети и не ја поминав многу тешко. Имав 28 зрачења и последните 7 тешко ги поднесов, се чувствував немоќно. Имав болки, не можев да одам, да спијам. Претпоследното зрачење бев кај докторката и и’ реков дека не можам повеќе. Сепак, издржав до тогаш па решив да издржам уште повеќе и да си го издржам лечењето до крај – вели храбрата жена.

Тешкиот период сепак и’ донел нови пријателства, со другите пациенти разменувале искуства и си биле поддршка. Кога завршила со се’, отишла во своето родно Кратово. Семејството ја однело на чист воздух и тоа време поминато таму ги блокирало мислите за карциномот.

Ја прашавме каков човек е после немилото искуство со болеста. Без двоумење ни одговори дека пред се’ си посветува внимание на себе за да си го чува детето.

-Прво јас каков човек сум после се’ ова? Прво си посветувам внимание на себе, прво на себе помислувам. Ако јас сум болна кој ќе го чува моето дете?  Пред да се разболам бев потивка, не избувнував и се’ си држев во мене. Тоа што ми пречи сега си го кажувам. Во однос на физичко здравје бев на сокотерапија, па на веганска исхрана, но почнав да си јадам и други видови храна. Си каснувам и торта, сакам благо. При секое разболување треба да си го исчистиш организмот – советува таа.

За крај на разговорот апелира до сите онколошки пациенти особено оние што се на почеток на борбата, да гледаат напред и да не се откажуваат.

-Нема болест што не се лечи, нека се држат психички многу, тоа има голем удел и секако, да не одбиваат поддршка од фамилиите. Да се гушкаат, да се разгалуваат да се почувствуваат убаво во кругот на семејството, а не отстранети од средината. Дали сме без коса, или веѓи ние сме убави и посебни. Еден човек кога е на некој раб сфаќа дека е убав, сфаќа колку е сакан и колку сака. Да уживаат во животот и да не се нервираат – порачува Фросина.

 

Вања Мицевска


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.