ММС

Објавено на: 02/2/21 7:00 PM

Верувале или не! Дедо Тодор од Велес 15 години ја донира својата пензија

“Што повеќе луѓе да се завртат околу себе, за да видат на кој може да му се помогне и да не ги жалат парите, затоа што на некого и најмалата помош му значи многу“ е пораката која хуманистот Тодор Митушевски од Велес сака да ја испрати додека секој месец ја одвојува својата пензија за донации.

Скромниот дедо Тодор, кој ретко зборува за својата хуманост, петнаесетина години секој месец одвојува по 1.500 денари за македонската црква, а во последните пет години на почетокот на секој месец уплаќа и по 1.000 денари на сметката на Црвениот крст во Велес.

Митушевски сиромаштијата ја почувствувал и на свој грб кога заедно со сопругата останале без работа, а двајцата синови му студирале. Верувал во системот се до 2005 година кога се пензионирал и дознал дека ќе добива пензија од 3.630 денари.

„За 22 години работен век не заслужив да добијам една пристојна пензија. Затоа решив парите да ги донирам за оние на кои им се навистина потребни. Мене не ми значат тие пари, а некому му значат многу. Со години уплаќам на сметката на црквата, додека во последните пет години му помагам и на Црвен крст. Има многу луѓе на кои им е потребна помош, но има малкумина што даваат. Се случува да ми се јават луѓе на кои им е потребна поголема помош, па ако не можам финансиски, тогаш се обидувам да им помогнам логистички, да им дадам совет како и каде може да им се помогне“, раскажува Тодор кој благодарение на тоа што 20 години работел во Словенија, од таму добива пристојна пензија која му е доволна за него и семејството.

Луѓето од Црвен крст во Велес се воодушевени од неговиот хуман гест и не паметат дека некој континуирано одвојувал од своите приходи за време на 30-годишното постоење на организацијата.

„Тодор Митушевски е вистинска реткост. Секој месец, од први до трети,  уплаќа пари во фондот за солидарност на општинската организација на Црвен крст, а тие средства се наменуваат токму за семејства кои се на работ на егзистенцијата. Неговиот гест им влева надеж на луѓето, а тој ниту се пофалил за тоа. Благодарни сме му многу за сите донации„ вели Орце Николов од општинскиот Црвен крст во Велес.

Во 2017 година, Митушевски беше прогласен за најхуман граѓанин на град Велес и доби уште неколку признанија од Црвен крст и хуманитарните организации.

Но, нему наградите не му значат многу. Срцето му е полно кога ќе ја види радоста во очите на оние што ја добиваат неговата помош.

„Најважно е да се помогне некому. Луѓето нека не ги жалат парите. 100 денари на некому му значат многу, ќе купи пет леба,м ќе го нахрани семејството. А со толку може и да го мине целиот ден“.

Тодор Митушевски пензионерските денови ги минува заедно со своето семејство подалеку од градската врева и нечистиот воздух, во околината на велешкото село Мартолци. Се занимава со полјоделство, работи на свои иновации и постојано размислува како да им помогне на луѓето кои се на работ на егзистенција. На овој начин, човекот со широко срце, Тодор Митушевски знае дека неговите 22 години стаж не биле залудни.

Орце Костов


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.