ММС

Објавено на: 02/2/21 3:07 PM

Извештајот на израелската компанија е делумен, вели вештакот во „Таргет-Тврдина”

Од извештајот на израелската компанија не можеме конкретно да знаеме дали имало или не лажни базни станици од трети страни во 2014 година, затоа што е многу сиромашен и нема доволно детали, изјави вешто лице на денешното судење за незаконско следење на комуникациите „Таргет-Тврдина”.

Според вештакот Кире Јакимовски, извештајот на израелската компанија дека на територијата на Град Скопје имало активен нелегален систем за следење на комуникациите, е делумен и не може да го убеди јасно и недвосмислено како експерт дека се детектирани лажни базни станици.

– Анализирав дека во извештајот се наведени 11 датуми кога е лоцирано нелегално следење, но не е наведено прецизно каде, туку само како министерството, парламентот и Британската амбасада. Друга околност е дека за многу мал дел од нив се дадени информации од логовите и со нејасно дадени клучни параметри од базните станици, рече вештакот.

При направен увид во опремата во МВР, вештакот рече, дека направил генерирање на друг влог во системот и наишол на поклопување на бројките од израелците.

– Согласно направената споредба увидов дека бројките од извештајот, се број на радио канал што се користи, а кои се легитимни канали од наши мобилни оператори. Исто така, увидов дека и опремата на МВР детектира лажни клетки, а кои се легитимни канали на нашите оператори. И тоа е така, бидејќи не е направено ажурирање на опремата. Тоа може да е една од причини, изјави сведокот.

На вкрстено прашање од одбраната, дали има доказ, дека такви уреди не постојат на територија на нашата држава, вештакот рече, дека не можеме со сигурност да кажеме дека немало такви уреди, како што не можеме со сигурност да кажеме дека имало, бидејќи за тоа треба да се направи големо и детално истражување.

Во однос на тоа дека не би можел да знае дали опремата во УБК во 2014 година била или не била ажурирана, вештакот рече дека не може точно да знае согласно податоците прибавени од 2017 година.

Вештакот, посочи дека за ваквата тактичка опрема да може да детектира лажна базна станица, мора да ги има податоците од легалните базни станици, за да не се случи легалната да ја детектира како лажна.

Прашан од Сашо Мијалков дали не е доказ за постоење клонирана базна станица тоа што во неговата канцеларија во 2014 година била поставена тактичка опрема од која повеќе луѓе, вклучително и клучниот сведок Ѕвонко Костовски, слушале 30-тина разговори во живо од лажна базна станица.

– Ми фалат некои детали, но претпоставувам дека станува збор за намерно поставена лажна станица во близина на вашата канцеларијата,  од фирмата која ја презентирала тактичката опрема. Ако е така, се сложувам дека може да постои таков настан, но за да може луѓе како мене да веруваат во таков настан, убаво би било да бидат дадени и сите параметри од легалните базни станици во близина, што не е направено. За да ме убеди овој извештај, би барал повеќе детали, рече вештакот.

На прашање од Сашо Мијалков дали таква лажна базна станица во 2014 година можела да биде поставена било каде, надвор од трите посочени локации во извештајот, вештакот рече да може.

– Може да се постави било каде таа лажна базна станица, бидејќи таа има антена или антени, кои емитуваат посилен сигнал од таргетираната базна станица и комуникацијата наместо со легалната оди преку таа таа базна станица, рече вештакот.

Процесот го води судијката Џенета Бегтовиќ, а застапници на обвинението се Ленче Ристеска, Трајче Пеливанов и Артан Ајро.

Според обвинителниот акт, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби.

Комуникацијата била следена пред да бидат издадени и по завршување на траењето на важноста на судските наредби на 1.541 број или вкупно 5.827 телефонски броеви. Прислушувани биле над 20 илјади граѓани.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.