ММС

Објавено на: 02/2/21 2:20 PM

Пендаровски ги прими  акредитивните писма од новоименуваната амбасадорка на Федеративна Република Бразил за Република Северна Македонија

Претседателот, Стево Пендаровски денеска ги прими акредитивните писма на Мариjа Едилеуза Фонтенеле Реис, новоименувана вонредна и ополномоштена амбасадорка на Федеративна Република Бразил за Република Северна Македонија, со седиште во Софија.

Посакувајќи искрено добредојде во нашата земја на бразилската амбасадорка, претседателот Пендаровски во своето обраќање на церемонијата истакна дека и покрај географската оддалеченост на двете пријателски земји, постои заедничка желба и потенцијал за развивање на меѓусебните односи.

„Отворањето на нашата амбасада во Бразилија во 2016 година, јасно ги покажа искрената желба и сериозниот интерес на нашата држава за продлабочување на односите и за унапредување на севкупната соработка со Федеративна Република Бразил”, рече претседателот Пендаровски.

Тој изрази очекување дека во претстојниот период ќе се интензивира билатералниот политички дијалог со фокус на неискористениот простор во доменот на економијата и на инвестициите.

„Иако, на надворешно политички план, Република Северна Македонија е силно посветена на исполнување на стратешките приоритети, на доследно спроведување на обврските во рамките на веќе реализираното членство во НАТО, како и на заложбите за идното членство во Европската Унија како одговорна членка на меѓународната заедница им придаваме значење на односите со сите држави, за доброто на нашите народи, обезбедување и зацврстување на мирот во светот, како и одржлив развој и економски просперитет”, порача Претседателот.

Во своето обраќање, новоименуватата бразилска амбасадорка Мариjа Едилеуза Фонтенеле Реис порача дека Бразил и Северна Македонија остануваат обединети во борбата против здравствената криза. Честитајќи за влезот во НАТО, амбасадорката Мариjа Едилеуза Фонтенеле Реис рече дека Бразил, како стратешки партнер на ЕУ, очекува успешно заокружување на процесот што води кон полноправно членство во ЕУ. Таа истакна дека Бразил и Северна Македонија делат заеднички вредности, особено верата во дипломатијата, мирното решавање на споровите и почитувањето на владеењето на правото.

Амбасадорката на Бразил додаде дека е посветена на стимулирање на туристичките и културните односи меѓу Бразил и Северна Македонија.

„Мојата намера е да работам неуморно со локалните власти и различните сегменти на македонското општество за изнаоѓање на начини за зголемување на билатералната трговска размена и идентификација на можностите за инвестирање меѓу нашите земји”, изјави амбасадорката на Бразил.

Претседателот Пендаровски на новоименуваната амбасадорка на Бразил и’ посака успех во извршувањето на одговорната мисија и изрази уверување дека во вршењето на дипломатските должности ќе ја ужива нашата целосна соработка и помош.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.