ММС

Објавено на: 02/2/21 12:01 AM

Велика Британија: Зара Мухамед, првата жена на чело на Муслиманскиот совет

Зара Мухамед е избрана за нова генерална секретарка на Муслиманскиот совет на Велика Британија (MCB) со што стана првата жена поставена на чело на таа организација, јавува Агенција Анадолија (АА).

Членовите на Муслиманскиот совет на Велика Британија (MCB) минатата недела гласаа за избор на ново раководство на организацијата, а Мухамед го победи противкандидатот Ајмал Масрур, познат британски имам и активист.

„Мојата визија е да продолжам да градам навистина инклузивна, разновидна и репрезентативна организација, што ќе се води по потребите на британските муслимани за општо добро“, порача Мухамед во соопштението што го објави Муслиманскиот совет на Велика Британија (MCB).

Истакнувајќи дека ѝ претставува чест што е прва жена на таа функција, Мухамед изјави дека се надева дека тоа ќе инспирира многу други жени и млади да зачекорат напред и да ги преземат лидерските улоги. „Тие се иднината на оваа организација и нашето општество“, изјави таа.

Мухамед на оваа функција го замени Харун Кан, кој го заврши вториот мандат како генерален секретар на Муслиманскиот совет на Велика Британија (MCB), во траење од четири и пол години.

Зара Мухамед во минатото ја извршуваше функцијата помошник генерален секретар на MCB, а е магистер по човекови права. Таа е исто така консултант за обука и развој.

Муслиманскиот Совет на Велика Британија е најголема муслиманска организација во Велика Британија, која ги претставува џамиите, училиштата и другите институции на муслиманската заедница во земјата.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.