ММС

Објавено на: 02/1/21 11:36 PM

(ФОТО + ВИДЕО) Вардар го порази Нексе во „Јане Сандански“

Ракометарите на актуелниот македонски првак Вардар, во Скопје го совладаа опонентот од Хрватска, Нексе, со 27:26 и се искачија на првата позиција во групата Б во СЕХА лигата.

Играчите на Стевче Алушовски одлично го отворија натпреварот во „Јане Сандански“, поведувајќи со 4:0 по головите на Талески, Дибиров и Јотиќ и одбраната на седмерец на Ристовски. До крајот на првиот дел Вардар добро ја контролираше играта и не дозволи поголеми промени во резултатот. На полувреме вардарци отидоа со три гола разлика. Најистакнатиот поединец во првите 30 минути беше репрезентативецот Талески со четири погодоци, вкупно шест. За него ова беше една од најдобрите партии во црвено-црниот дрес.

Во сличен манир започна и вториот дел. Водството Вардар себично го чуваше за себе играјќи „гол за гол“, се до половината на полувремето. Хрватите се консолидираа и намалија на 23:22, а дуелот влезе во егал во 50-тата минута кога гостите комплетно се вратија и изедначија на 24:24. Погодокот на Дибиров и двете интервенции на Борко Ристовски, на крајот сепак му го донесоа на Вардар целиот плен.

Вреди да се напомене дека поранешниот шампион на Европа во „Јане Сандански“ истрча без повредениот Дисингер. Покрај Талески, вардаровото крило Чушпиќ се запиша во листата на стрелците шестпати, а Ристовски забележа седум успешни одбрани.

Следниот натпревар Вардар го игра за два дена против екипата на Порто во Португалија, во рамките на Лигата на Шампионите.

 

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.