ММС

Објавено на: 02/1/21 1:31 PM

Рускиот државен обвинител бара казна затвор за Навални

Од Канцеларијата на рускиот јавен обвинител денес е соопштено дека на суд ќе се бара да се поништи условната казна за рускиот опозициски лидер Алексеј Навални и да се одреди затворска казна, пренесува aгенцијата Анадолија (АА).

Во соопштението објавено на официјалната веб-страница на Јавното обвинителство се вели дека незаконското однесување на Навални станало основа за барање за откажување на условната казна и извршување на затворската казна изречена со судската пресуда.

Во 2014 година, Навални беше осуден за измама и проневера, и му беше одредена затворска казна од три години и шест месеци.

Судот ја ублажи казната на шестгодишна условна казна, обврзувајќи го Навални да се пријавува во полицијата двапати месечно.

Во 2020 година, по труењето на Навални со нервниот агенс „новичок“, тој не се пријавуваше во полиција поради неговото лекување.

Во октомври 2020 година, Навални беше отпуштен од Клиниката. Според Руската федерална казнено-поправна служба, тој не приложил никакви објективни причини за неговото непојавување во полиција, и поради тоа го ставила Навални на листата на барани лица поради избегнување на контролата на извршниот инспекторат за кривични дела.

На враќање во Русија на 17 јануари, Навални беше уапсен на аеродромот, што предизвика масовни протести низ цела Русија.

Според активистите за човекови права, вчера во Русија, на последните недозволени протести за поддршка на Навални, приведени се над 5.000 лица.

Најголем број се приведени во главниот град Москва – 1.608 лица, а во вториот по големина град, Санкт Петербург, 1.122 лица.

Навални, утре, 2 февруари, ќе се појави на суд, на сослушувањето за замена на условната казна со казна затвор.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.