ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 07/20/18 2:28 PM

Во неготинското село Тимјаник отворен мал групен дом за четири дечиња со попречености

Откако протестираа и не дозволуваа, а подоцна по осудите во јавноста се предомислија, жителите на неготинското село Тимјаник ,сепак денес во голем број дојдоа на отворањето на новиот мал групен дом во селото. Недоразбирањата во минатото се надминаа, а мештаните дадоа поддршка за четирите дечиња Аделина, Мартина, Антонио и Никола да добијат нов дом, заедно како едно мало семејство во рамки на процесот за деинстиуционализација.

Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска пред жителите на селото истакна дека децата сега добија подостоинствен живот со благодарност до УНИЦЕФ, УНДП, Сојузот на дефектолози и градоначалникот на Неготино и  најави дека процесот продолжува и понатаму:

„Станува збор за десетгодишна стратегија и не се однесува само за деца, туку за сите лица сместени во институции. До 2020 година деца до три години нема да има во институција. Затоа што штета е секој ден поминат во институција“.

Царовска потврди дека ги разгледуваат сите опции за отворање на градинка во селото но и отворање на нова градинка идната година во Неготино.

За Бенџамин Перкс, претставник на Уницеф, ова е пресвртница во историјата бидејќи на децата им се дава право за живот во семејство.

„Ниедно дете не смее да биде во институција и без потребна грижа и љубов, без разлика на неговата попреченост“, истакна Перкс.

И постојаниот координатор на ОН, Лујза Винтон рече дека во овие мали групни домови децата ја добиваат потребната грижа и љубов:

„Ја поддржуваме Владата во нејзиниот напор да ја спроведе деинституционализацијата на вистински начин и да овозможи во догледно време, секој да може да ги ужива своите права“.

На почетокот на јуни жителите на селото протестираа против одлуката да се отвори  групен дом и најавеното сместување на четири деца од Специјалниот завод Демир Капија  потенцирајќи дека за нив  е приоритет изградба на детска градинка која им била ветувана од страна на двете најголеми партии за време на изборната кампања.

 

Билјана Тошевски


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1