ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 07/20/18 11:41 AM

„Труст“: Шест години затвор за Сеад Кочан, СЈО задоволно од пресудата

По одржани дваесетина рочишта, денеска падна пресуда за предметот „Труст“ на СЈО.

Првообвинетиот, бизнисменот Сеад Кочан е осуден на шест години затвор. Според пресудата исто така, нему му се забранува во следните 3 години да биде управител или одговорно лице во правно лице. Второобвинетиот Василие Авировиќ е осуден на тригодишна затворска казна. Тој доби забрана во следните три години да биде застапник или овластено лице за потпишување тендерска документација.

Третообвинетиот Сафет Ватиќ доби ослободителна пресуда. Тој беше обвинет за помагање, но судијката Лидија Трајковска Зимбовска објасни дека делото за кое го гонеле не е кривично. По завршување на рочиштето неговиот адвокат, Ванчо Митев изјави дека семејството Ватиќ од овој процес излегува со чист образ и крената глава.

Во овој предмет кој се однесува на злоупотреба на тендерска документација обвинети беа и правните лица Трансмет и Силекс Неметали кои во рок од 30 дена ќе треба да платат по 2 милиони денари. Тие имаат забрана за учество на јавни набавки, а покрај ова ќе им се конфискува имотот од седумнаесет милиони евра кој го стекнале противправно при јавната набавка.

Обвинителот Гаврил Бубевски рече дека му честита на судот за одлуката за конфискација.

„По однос на ослободителниот дел, судот има своја правна аргументација по однос. Овде се работи за правно прашање. Кога ќе ги видиме аргументите ќе одлучиме по однос на тој дел. Задоволни сме од осудителните пресудите. По однос на второобвинетиот кој доби помала казна од Сед Кочан, состојбата е поспецифична и тука е земена предвид неговата здравствена состојба. Мерката притвор за обвинетиот Кочан не е задолжителна, дури и кога ќе се изрече ваква казна. Во однос на него имаме дадена гаранција и не е можно да се употреби построга мерка. На тој начин тој се бранеше од слобода, а по однос на конфискација на имотот, можам да му честитам на судот. Ова е права ваква мерка и ќе го запре можеби натамошниот тек на извршување на ваков вид на кривични дела. Бруто –принципот значи дека целата сума на износот е конфискувана, а ние имаме обезбедено речиси 90 проценти од таа сума“, изјави Бубевски.

Предметот Труст на СЈО е оформен врз основа на 3 прислушувани разговори. Според обвинението, осомничените формирале конзорциум и со лажни документи добиле тендер за ископ на јаловина во РЕК Битола.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1