ММС

Објавено на: 01/29/21 9:56 AM

Како да спречите прејадување ако работите од дома? Совети што ќе ви помогнат да не се здебелите

Без оглед на тоа што работата од дома особено во овој период на пандемија, има свои предности, не може да се занемарат и недостатоците – недостигот на социјалната интеракција на која сме биле навикнати пред пандемијата, намаленото движење и вишокот килограми што се поврзува со „грицкањето“ помеѓу оброците. Доколку се’ уште не сте целосно прилагодени на новата рутина, нутриционистката Синтија Сас дава четири клучни совети кои ќе ви помогнат да не ја доживувате вагата за мерење како „смртен непријател“.

Направете распоред пред оброците

Доколку досега не сте стекнале навика да појадувате, сега е крајно време. Сигурно многу пати сте чуле или прочитале дека појадокот е најважниот оброк во текот на денот, па ако пред пандемијата поради збиениот распоред на обврски не сте имале време да појадувате, сега кога не мора да патувате до работното место имате прилика да ги организирате утринските активности на поинаков начин. Студија од 2020 година објавено во списанието Journal of Clinical Endocrinology & Metabolism открива дека енергијата која телото ја троши на варење на храната  наутро е двојна поголема отколку навечер.

Истражувачите забележале дека покрај тоа што ќе согорите повеќе калории ако имате обилен појадок, ќе имате и поголема шанса нивото на шеќер да го одржите стабилно во текот на целиот ден. Испитаниците што имале помал појадок и обилна вечера имале поголемо чувство на глас во текот на целиот ден, а нивниот организам особено „барал“ слатки работи.

Токму затоа е потребно да си приготвите еден обилен и здрав појадок пред да го почнете новиот работен ден. Ручајте пет часа подоцна, а три до четири часа после ручекот направете некоја полесна вечера. Оставете најмалку 3 часа помеѓу вечерата и заспивањето за да може храната подобро да се свари. Оваа пракса ќе влијае на тоа да спиете добро и квалитетно.

Не јадете додека работите

Студија објавена лани во списанието The American Journal of Clinical Nutrition открива дека ќе изедете многу повеќе доколку во исто време со јадењето и работите, одговарате на електронските пораки, читате, па дури и гледате телевизија. Затоа држете се строго до својот распоред и направете пауза за ручек. Во тоа време не правете ништо друго – само јадете. Уживањето во оброкот без мултитаскинг може да ви помогне полесно да се освестите кога ќе бидете сити.

Заборавете на брзата храна

Точно е дека брзата храна може да биде многу вкусна, но таа содржи многу шеќери и адитиви. Истовремено, овој тип храна нема природни хранливи состојки и влакна. Високо преработената храна може да го уништи вашиот метаболизам, но и да влијае лошо на телесната тежина.

Луѓето што секојдневно јадат брза храна внесуваат 500 калории повеќе од она што им е потребно на дневно ниво. Затоа планирајте оброк кој ќе биде базиран на свежо или замрзнато овошје, немасни протеини како што има во гравот или рибата.

Пронајдете алтернативни начини за соочување со стресот

Многу луѓе јадат за да се ослободат од емоциите што не се во состојба да ги процесуираат во моментот кога ќе се појават. Кога работите од дома секоја порака од вашите претпоставени може да предизвика стрес. Сепак, кога тоа ќе се случи не треба да посегнете по храна бидејќи во тој случај ќе изеде повеќе од она што би требало и тоа најчесто ќе бидат „празни калории“.  Ваквото поттиснување на емоциите со храна несомнено може да го намали имунитетот, да го влоши сонот, да доведе до зголемување на килограмите, а намалување на енергијата.

Доколку имате навика да се тешите самите себе со храна, ветете си дека ќе најдете алтернативни начини за излез од кризата. Тоа не е едноставно, но секако е делотворно во однос на здравјето. Кога сте под стрес јавете се на некој близок пријател, дишете длабоко, слушајте музика или гледајте видеа со смешни содржини. Додека сте дома имате флексибилност и слобода да тестирате нови вештини и да создадете нови здрави навики.

 

Извор:  telegraf.rs


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.