ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 01/28/21 12:31 PM

Д-р Кунгуловски: Новиот сој на коронавирусот ќе станува се’ подоминантен, но нема да потреба од сезонска вакцина како кај грипот

Британскиот сој на коронавирусот се пренесува за 70 проценти побрзо од претходните соеви. Сепак,  досегашните податоци покажуваат дека нема влијание врз ефикасноста на вакцините, барем кај РНК вакцините. Тие функционираат доволно добро и кај новите соеви. Ова денеска го изјави д-р Горан Кунгуловски од Клиниката „Жан Митрев” во чија лабараторија беше детектиран првиот случај на коронавирус во Македонија.

Кунгуловски вели дека дури и да се појават нови соеви врз кои вакцините не би имале ефект, ќе може да се направат нови.

„РНК вакцините се флексибилни, компаниите сметаат дека во период  од месец до месец и половина може да се направи нова вакцина за некој нов сој. Досега стекнавме солиден арсенал на алатки за да излеземе од оваа пандемија. Треба претпазлив мониторинг, да ги откриваме новите особености на вирусот, се разбира доколку ги добива и да осознаеме дали ќе има потреба од нови вакцини. Вакцините имаат солидна ефикасност и ја неутрализираат појавата за сериозна болест при инфекција со коронавирусот“, посочи докторот во денешната изјава за медиумите.

Тој објасни дека пациентот кај кого е откриен новиот сој бил со средна клинична слика. Тој сега е оздравен и нема проблеми. Според Кунгуловски ова е добар знак, меѓутоа ќе бидат потребни податоци за стотици па дури и  за илјадници пациенти за да се добие релевантна слика за неговото влијание.

„Вирусот се пренесува преку контакти, значи пациентот имал некаков контакт за да се пренесе. Дали го донел вирусот преку патување во странство, преку контакт со луѓе што патувале ќе утврдат епидемиолозите“, додаде д-р Кунгуловски, кој беше прашан од новинарите што ги навело да испитаат дали се работи за зараза со овој нов сој.

„Ние имавме селектирано повеќе изолати, имавме потаргетиран пристап и ги откривме мутациите кои се конзистентни со новиот британски сој на коронавирусот. Ги детектиравме сите 23 мутации кои се за првпат објавени во Британија. Знаеме дека во самиот вирус се акумулирани одредени мутации, при самата  ПЦР метода за секој позитивен пациент се детектираат генерално три делови од коронавирусот. Во тестот кој ние го користиме се детектира и спајк протеинот“, изјави докторот. Тој и неговите колеги откриле недоследности кај некои пациенти. Два од гените ги детектирале во самата реакција, а кај еден од нив, односно кај спајк протеинот утврдиле дека нема никаков сигнал.

„Тоа не’ наведе дека најверојатно има некаква мутација во спајк протеинот и со тоа направивме селектирана субгрупа на пациенти. Ги секвенциониравме  и кај еден пациент ги најдовме сите мутации што го дефинираат британскиот сој“, додаде д-р Кунгуловски истакнувајќи дека по ваквите сознанија, може многу полесно да се имплементираат новите методологии и во другите лабаратории. Според него, потребна е меѓусебна комуникација помеѓу лабараториите со сите релевантни институции за методологијата која го детектира или слектира суспектните изолаци.

Новинарите го прашаа и колку време е потребно за да се детектира овој нов сој на вирусот, по што тој посочи дека прво имале стратегија за селекција на пациентите. Сепак, отсега пристапот би можел да се смени и тестирањето да биде попроизволно.

„Сега сакаме да знаеме процентуално колку од тие пациенти се носители на британскиот сој, а колку на другите соеви. Во единица на време сакаме во следните неколку месеци да следиме дали таа преваленца се менува или не.  Дали битанскиот сој станува доминантен или не?  Сепак, тој многу полесно се пренесува од претходните соеви и ќе стане доминантен во Македонија“, смета Кунгуловски.

Тој дополни дека вирусите постојано мутираат, па така и кај коронавирусот се детектирани илјадници мутации.

„Некои го ослабнуваат вирусот, а некои ги променуваат неговите особености. Добро е што овој вирус еволуира многу побавно од грипот и тоа влијае врз создавањето вакцини. Најверојатно нема да има потреба од сезонска вакцина како кај грипот“, нагласи докторот. Тој порача дека мутациите треба да се следат бидејќи тоа е вжно за поставувањето на самите стратегии.

„Новиот сој се пренесува за 70 процети побрзо од претходните соеви. Иницијално нема влијание врз смртните исходи , но сега излегуваат податоци дека благо се зголемува и смртноста,  за што секако се потребни подетални студии рецензирани од експерти. Засега треба да бидеме претпазливи. Да поимаме дека новиот сој циркулира кај нас. Најверојатно ќе станува се’ подоминантен. Треба да се воведат нови технологии, додека СЗО препорачува  барем 5 проценти од сите позитивни изолати да се секвенционираат за да утврди динамиката на соевите“, додаде докторот.

 

 

 

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1