Евроквалификации во футсал: Босанците оптимисти пред гостувањето на македонската репрезентација
ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 01/27/21 8:23 PM

Евроквалификации во футсал: Босанците оптимисти пред гостувањето на македонската репрезентација

Македонската репрезентација во футсал во подмладен состав и со неколкумина дебитанти утре ги започнува квалификациите за пласман на Европското првенство со натпревар на гостински терен против Босна и Херцеговина (БиХ).

Во пресрет на натпреварот во Зеница, селекторот на БиХ, Иво Крезо, денеска истакна дека неговиот тим е подготвен со триумф над македонската репрезентација да го отвори квалификацискиот циклус.

-Засега сè се одвива според планираното. Играчите се подготвени и во добра форма, и затоа можеме да бидеме задоволни. Не бегаме од улогата на фаворит на претстојниот натпревар. Противникот добро го познаваме, бидејќи сме играле против него и порано. Сакаме добро да се подготвиме за овој меч и со победа да ги започнеме квалификациите, изјави Крезо за официјалниот сајт на Фудбалската федерација на БиХ.

Во победа на својот тим верува и босанскиот репрезентативец, Срѓан Иванковиќ, истакнувајќи дека утрешниот меч е од голема важност за домаќините.

-Во овие квалификации имаме можеби и најповолна група и шанса да се пласираме на големо натпреварување. Првиот натпревар ни е исклучително важен и стартна победа во квалификациите ќе ни значи многу. Добро ги познаваме (Македонците), бидејќи честопати сме играле против нив. Мислам дека индивидуалниот квалитет е на наша страна. Тие се познати по брза игра и добра одбрана. Нема да ни биде лесно, но верувам дека ќе оствариме победа, рече Иванковиќ.

Македонската репрезентација во второто коло, на 3 февруари во Скопје, ќе игра против Романија, која на отворањето на квалификациската Група 4, утре ја пречекува Србија.

Европското првенство во футсал ќе се одржи од 19 јануари до 6 февруари следната година во Холандија.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7