ММС

Објавено на: 01/25/21 9:23 PM

Сите го имаме Гоце Делчев во нас – Дарко Ангеловски, харизматичниот либеро и тивок лидер на македонската одбојкарска репрезентација

Македонската одбојкарска репрезентација двапати последователно заслужено се пласираше на Европското првенство, овојпат совладувајќи ги Турција и Босна и Херцеговина на турнирот во Скопје и резервирајќи место на големата сцена.

Со неверојатната пожртвуваност и искрена желба, момците навистина ги направија горди сите љубители на овој спорт, а човекот во сенка кој ја презеде улогата на „тивок лидер“ на овој тим, харизматичниот и по многу нешта специфичен либеро, Дарко Ангеловски, за mms.mk зборуваше за прогресот на одбојката во земјава, влијанието на пандемијата на коронавирусот врз спортот како таков и ја даде својата прогноза за настапот на Македонија на претстојното Европско првенство. Секако, неизбежен беше одговорот на прашањето за неговиот имиџ и фамозните „бркови“, како и за надимакот кој влече корени од самото детство.

Долгогодишен пост, а потоа две Европски првенства за краток временски период. Што се промени во меѓувреме и како Македонија од „лифт“ репрезентација помеѓу дивизиите, во последните години стана респектабилна одбојкарска селекција?

-Лесно, или тешко малку. Навистина постевме доволно за сега да дојдеме до фаза во којашто ќе бидеме на втора завршница на големата сцена. Тимскиот дух пред сѐ, нѐ држи и нѐ спојува. Взаемната почит и „погодените карактери“, резултатот доаѓа сам по себе.

Успесите на репрезентативно ниво претставуваат погодно тло за поместување од мртва точка на клупската одбојка. Дали постои можност да се искористи моментот и двата настапи на Европското првенство да имаат позитивен импакт врз одбојката во домашното првенство?

-Нормално, јас сум тука во домашната лига и евидентно е дека се помрднавме неколку метри понапред. Оди сѐ нагоре кон ниво каде ќе треба сега фокус да се стави на младината, додека клубовите ги добија основните потреби за да изградат или извадат „ново дете“. Верувајте, само ќе напредуваме.

Со оглед на тоа дека имате интернационално искуство, генерално од балканското поднебје, во која мера одбојката како спорт е повреднувана надвор од границите на државава?

-Повеќе се става акцент на домашните играчи првенствено. Секаде нивото е поразлично, во Србија сите целат да бидат репрезентативци, лигата им е предобра со дерби натпревари нон-стоп и давање шанса на младите. Левелот е поголеm, се подразбира. Србија ја земам како пример, со оглед дека настапував во таа лига.

 

Каков тренер е Никола Матијашевиќ и колку она што го гледаме на паркетот е негова заслуга?

-Селекторот е стар, искусен тренер. Заслуга има целиот стручен штаб, но тој е капетанот на палубата. Во секој случај, во тимски спорт како одбојка, нескромно, играчите од паркетот се оние кои највеќе треба да си соберат заслугите.

Пандемијата сериозно го разниша спортот, особено оние помалку комерцијални и финансиски „тешки“ спортови како одбојката. Во кој правец се движи одбојката и каде е сега нејзиното место во светот на спортот?

-Кај нас како што напоменав одбојката оди во нагорна линија, а во Европа и светот нормално, пандемијата си го направи своето. Сепак сите клубови дадоа големо значење и ги почитуваа мерките и со тоа овозможија непрестан тек на професионалниот спорт. Сите лиги се во полн ек. Пред сѐ одбојката е мој спорт и си има свое место во тимските спортови, да не кажам во врвот.

Прогноза на Ангеловски за претстојното Европско првенство? Колку навистина можеме и дали „од сенка“ би направиле некаков подвиг?

-Кој и да ме праша сега, па и во иднина, ќе го кажам следново: Ќе гриземе да бидеме подобри од претходниот пат, а тоа значи дека се гледаме во нокаут фазата. Ќе биде добро за гледање и навивање.

Кои беа вашите одбојкарски идоли додека професионално растевте?

-Хахаха не сум сакал да гледам некого како идол и да копирам. Сум гледал да бидам оригиналниот, да не бидам нечија лоша копија и успеав донекаде.

Еден роден во Кукуш, еден роден во Скопје. Бидејќи датумот на раѓање „го делите“ со македонскиот великан Гоце Делчев, неизбежно доаѓаме до прашањето кое сигурно го имате слушнато мал милион пат. Дали вашиот препознатлив и харизматичен имиџ и светско познатите бркови влечат корени од оваа куриозитетна случајност?

-Делчев е великан, тоа што е сега е негова заслуга, но тој се борел со едни, а јас со друго. Крајната цел е Македонија. Случајност да го наречеме. Се поклопија датумите и брковите, па така нека остане како што е. Сите го имаме Делчев во нас.

 

Од каде надимакот „Шаби“?     

-Шаби е баш од маалскиот живот и маалските случување. Од Мичурин сум, тука растен и сѐ уште тука сум, но години наназад дојде до Шаби играјќи фудбал во маалото со повозрасните. Фудбалот ми беше добра страна во тие години, па еден од „поголеми“ ме нарече прво Чави (по феноменалниот фудбалер на Барселона), па потоа дојде и Чаби (по другиот фанстатичен шпански репрезентативец и играч на Реал Мадрид, Ливерпул и Баерн Минхен), за да на крај испадне Шаби, бидејќи овие две имиња веќе биле „зафатени“. Шаби се залепи оттогаш и еве до денес не се одлепи. Си стои, така ме знаат и има некоја убавина во тоа.

 

 

Давор Јосифоски


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.