ММС

Објавено на: 01/25/21 5:46 PM

Не ја отфлам можноста да се случувало, но симптоматичен е тајмингот и отсуството на други докази, вели адвокатот на осомничениот џудо тренер од Прилеп

За ваков вид предмети се врши многу подетална и пообемна подготовка, а не само на изјави од деца и тоа од претходната година. Тајмингот сега сихронизирано да настапат е малку специфичен, јас не ја отфрлам можноста да се случувало, но во отсуство на други докази малку е симптоматично, вели за Канал 77 адвокатот на тренерот по џудо од Прилеп, кој се сомничи дека извршил обљуба врз малолетнички со злоупотреба на својата положба.

Според соопштението на МВР, случајот го пријавил родител на 15 годишна малолетничка.

Адвокатот на осомничениот вели дека овинението се заснова на три изјави од малолетнички, членови на клубот и дека засега  нема други материјални докази.

– Одбраната првично, а и сега инсистира на полиграфско тестирање бидејќи во фазата на истрага е битен елемент за насочување на јавниот обвинител на истражните дејствија. И од страна на осомничениот и од моја страна и во постапката пред МВР и во постапката пред јавен обвинител беше инсистирано да бидеме полиграфски тестирани, но до сега не ни е овозможено такво тестирање – вели Стеваноски и очекува одлука од јавниот обвинител по овој предлог.

На осомничениот 46 годишен прилепчанец Основиот суд од Прилеп, а по барање на ЈО му одреди мерка 30 дневен притвор. Според обвинителството осомничениот како тренер по џудо, од април до ноември 2020 година, во Прилеп и на други места, заради задоволување на полови страсти, со злоупотреба на својата положба извршил полови дејствија врз деца кои не наполниле 14 години – ученички кои му биле доверени заради тренирање и воспитување.

Веднаш по објавувањето на случајот, се огласи и раководството на Џудо федерацијата која се огради од тренерот, истакнувајќи дека уште минатата година поради дисциплински прекршок, му е одземена тренерската лиценца и исфрлен е од Џудо федерацијата на С. Македонија.

– Во однос на последните информации за приведување на еден поранешен тренер по џудо, Македонската Џудо федерација би сакала да го даде следното појаснување. Во врска со последните случувања поврзани со обвинувањата за злоставување малолетнички од тренер по џудо, згрозени сме од информациите во јавноста и очекуваме брзо разрешување на случајот. Веруваме дека истрагата целосно ќе го расветли случајот за што како Федерација сме целосно на располагање на истражните органи. Посочениот тренер одамна не е член на федерацијата и уште минатата година беше дел од дисциплинска постапка поради злоупотреба на официјален документ испратен од Светската Џудо Федерација како и поради прекршување и непочитување на Статутот и други мерки и протоколи. Поради оваа дисциплинска постапка, одземена му е лиценцата за тренер по џудо и исфрлен е од Џудо федерацијата на Македонија, за што официјално беа известени сите надлежни институции вклучувајќи ја и Агенцијата за млади и спорт – се вели во соопштението од Џудо федерацијата на С. Македонија.

Сличен настан ја разбранува и јавноста во регионот откако српскиот актер и професор по глума, Мирослав Алексиќ, беше обвинет за силување на повеќе девојки. Актерката Милена Радуловиќ јавно го обвини Алексиќ за силување, а охрабрени од нејзината изјава и други поранешни ученички од актерската школа пријавија дека Алексиќ ги силувал или сексуално ги вознемирувал.

Јавното сведоштво на Милена Радуловиќ покрена бран поддршка која потсетува на движењето #MeToo,  при што многу други девојќи, од најразлични средини се охрабрија да зборуваат за своите трауматични искуства.

 

фото: принтскрин јт


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.