ММС

Објавено на: 01/25/21 2:55 PM

Порастот на богатството на 10-те најбогати луѓе за време на пандемијата доволен за вакцинација на сите луѓе во светот

Зголемувањето на богатството на 10-те најбогати луѓе во светот за време на пандемијата би било доволно да ги покрие трошоците за вакцинација за секое лице на планетата, наведува светската хуманитарна организација „Оксфам“, пренесува Агенција Анадолија (АА).

„Оксфам“ во својот извештај вели дека богатството на 10-те најбогати луѓе се зголемило за 540 милијарди долари од средината на март до крајот на минатата година.

Во извештајот се нагласува дека намалените глобални програми за помош го поплочиле патот за „изгубена деценија во борбата против сиромаштијата“.

Хуманитарната организација соопшти дека вкупното богатство на милијардерите во декември достигнало 12 билиони долари, што е еквивалент на вкупната потрошувачка за време на пандемијата на земјите од Г20.

„Привремениот данок на поголем профит направен од 32 светски корпорации, кои стекнале најмногу, би можел да достигне 76 милијарди фунти (104 милијарди долари) во 2020 година“, се вели во извештајот.

„Тоа би било доволно за да се обезбедат бенефиции за невработеноста и финансиска поддршка за сите деца и стари лица во земјите со низок и среден приход“, се додава.

„Милијарди луѓе живееја на работ кога започна пандемијата и немаа ресурси или поддршка за да ја надминат оваа жестока бура“, рече Дени Срискандараја, извршен директор на „Оксфам ГБ“.

Според него, мал број луѓе за девет месеци собрале повеќе пари отколку што можат да потрошат за цел живот.

„Овие факти се срамни. Владите мора да дејствуваат. Чесното оданочување на најбогатите може да помогне во глобалното закрепнување, да собере повеќе пари за борба против сиромаштијата и да помогне во обликувањето на порамноправни општества.“

„Светската банка пресмета дека ако земјите дејствуваат сега за да ја намалат нееднаквоста, тогаш сиромаштијата може да се врати на нивото пред кризата за само три години, отколку за повеќе од една деценија“, се додава во извештајот.

„Оксфам“ наведува и дека доколку не се реши растот на нееднаквоста, во 2030 година 501 милион луѓе повеќе отколку на почетокот на пандемијата ќе бидат сиромашни, заработувајќи само 5,50 долари дневно, а жените ќе бидат погодени повеќе од мажите.

Во пандемијата на Ковид-19 во светот досега починаа 2.129.597 лица, покажуваат податоците на американскиот Универзитет „Џонс Хопкинс“.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.