ММС

Објавено на: 01/25/21 3:16 PM

Бајката на Лампард и Челзи заврши, Тухел од денес ќе ги „предводи“ сините

Неуспешниот обид да се намали „гапот“ од првопласираниот на табелата во однос на ланската „пилот“ сезона, непрепознатливиот тренерски печат и концепција, како и резултатите во последните месец и половина, го натераа раководството на Челзи на најнепопуларниот, но можеби и најисправниот потег во моментот.

Челзи му врачи отказ на Френк Лампард по 18 месеци на чело на клубот од западен Лондон. Долгорочниот првично замислен проект може да се прогласи за неуспешен. Притисокот од потрошените 200 милиони евра на нови аквизиции, како и немањето соодветна претсезона, во голема мера придонесоа кон партиите кои Челзи ги пружаше сезонава. Тимот во одредени периоди изгледаше како да првпат се запознава на терен, додека пак англискиот стратег неретко не знаеше кој му е стандардниот состав од 11 играчи.

Напладне лондонскиот официјално на јавноста ја соопшто одлуката која ги вознемири фановите на Челзи, земајќи го предвид фактот што Лампард беше играчка легенда. Од клубот велат дека одлуката не била воопшто лесна, а куриозитет е тоа што Роман Абрамович за првпат откако е сопственик на Челзи се има јавно огласено во однос на тренерска смена во екипата.

-Ова претставуваше навистина тешка одлука за клубот, не само поради тоа што имавме одлична лична врска со Френк, туку и поради взаемното почитување. Тој е човек со интегритет и висока работна етика. Како и да е, околностите ни налгаат да веруваме дека промената на менаџерот е соодветна. Во името на сите во клубот, бордот и вработените, би сакал да му се заблагодарам на Френк и неговата работа како главен тренер и му посакувам успех во иднина. Лампард е важна икона на овој голем клуб и неговиот статус овде нема никогаш да се промени. Секогаш ќе биде добредојден на „Стемфорд Бриџ“, напиша Роман Абрамович.

Најголемиот дел од светските медиуми како замена за Френк Лампард на кормилото на Челзи го гледаат Томас Тухел. Поранешниот менаџер на ПСЖ кон крајот на минатата година доби отказ, а неговата позиција кај парижаните ја зазеде Маурисио Покетино.

„The Athletic“ пренесува дека Тухел уште вечерва ќе тргне за Лондон и дека во моментот се наоѓа во Германија следејќи ги Ковид-19 протоколите. Следните 48 часа ќе ни го донесат новиот Германец во Премиер Лигата исто така некогашен предводник од клупата на Мајнц и Борусија Дортмунд. Засега е непознато колкав ќе биде мандатот на Тухел. Францускиот медиуми шпекулираат дека се работи за три ипол годишен договор, додека пак англиските се децидни – Тухел во Челзи во следните 18 месеци.

 

 

 

Фото:

premierleague.com


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.