ММС

Објавено на: 01/23/21 10:47 AM

(Видео) Дишат мирис на месо, а се хранат од контејнер – Мизерниот живот на Мемедови од Штип, кои од вчера останаа и без дом

На само неколку метри од Трговскиот центар во Штип поставена е импровизирана соба од даски, покриена со фолија. Тоа од  вчера, по пожарот на старата куќа до импровизираната барака, стана живеалиште на две деца од две и една година, нивната мајка која е во седмиот месец од бременоста, таткото и нивната баба, која ја направила собата. Има само еден душек и перница, па многу веројатно возрасните  да спијат директно на земјениот под, покриен со черги.

Трагедијата на ова гладно семејство е што мирис од печено месо, од двете сендвичарници во непосредна близина, секој ден се шири до нивниот дом од фолија, но станарите, пак, само го дишат месото, бидејќи јадат од контејнер. Бабата на двете деца, 43-годишната Мирветка Мемедова останала без социјална помош поради долг од 4.000 денари кон Управата за јавни приходи. Семејството на синот има социјална помош, но со денешниот пожар, остана без покрив над главата. Изутрината, кога изби пожарот, таткото Ферди, успеал да ги изнесе од куќата која горела, така како што спиеле. Двете деца беа боси, останати се само со облеката на себе и облеката што надвор пред куќата останала да се суши и што Ферди ја собрал во една ќеса. Тоа е се’ што им остана за облекување и од покуќнина.

-Најголема грижа ми се децата. Каде ќе спијат? Во оваа соба има место само за еден, ама и тука на дожд тече од секаде, а подот е кал, објаснува Мирвертка низ солзи.

Оваа соба е единствениот простор за сега веќе петчелното семејство. Нема тоалет, нема бања. На прашањето како се капат, како извршуваат основни потреби, Мирветка само крева рамења.

-Немаме каде. Каде да ги носам децата. Немаме веќе ништо. Се’ изгоре, облека, јоргани, ќебиња, се’, вели 18-годишната мајка, која го чека своето трето дете.

Семејството Мемедови втор пат во шест години го губи својот дом. На Нова Година во 2016-та, изгоре комплексот Старо нервно одделение, каде живееја петнаесетина семејства, а во овој пожар Мемедови изгубија се’ што имаа. Од тогаш диво се вселиле во старата и руинирана куќа во центарот на Штип, која вчера се запали. Во куќата официјално живее едно семејство со осум деца и уште осум други дивовселени семејства од дваесетина луѓе од кои пет деца.

По пожарот куќата не е за живеење. Закана е и за околните градби, поради тоа што е пред распаѓање, изградена одамна од кал,цигли и изгниени дрва. Куќата е сопственост на ЈП за станбен и деловен простор и заедно со уште две-три дивоградби во околината се ругло на строгиот центар на Штип.

Од Општината Штип најавуваат изградба на типски куќи, преку проект на Европската Унија, но дали таму, во таа нова населба ќе има простор за семејството Мемедови, е неизвесно. За семејството пак е неизвесна секоја наредна ноќ, од вчера вечерта.

Фотографиите се објавени со дозвола од семејството


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.