ММС

Објавено на: 01/20/21 4:09 PM

Царовска на средба со директори на училишта: Ќе вложиме максимални напори за да ги подготвиме системот и наставниците за имплементација на концепцијата

Министерството за образование и наука соопшти дека со денешниот состанок со директори на основни училишта од секоја општина продолжува широкиот консултативен процес во врска со реформите во основно образование и дека консултациите за концепцијата ќе продолжат до крајот на наделава. За утре е закажан состанок со наставниците, а за задутре – со членови на МАНУ.
Министерката и заменик-минстерот за образование и наука, Мила Царовска и Арафат Шабани, по средбата изјавија дека заклучокот од состанокот е оти концепцијата има широка поддршка од директорите, но дека како од секоја новина, така и оваа постои само страв од непознатото којшто треба да се совлада.

– Директорите на училиштата, исто како и наставниците, се наш многу важен партнер во имплементацијата на целиот овој процес. Од состанокот заклучивме дека постои само страв од непознатото којшто треба да се совлада и интензивна обука на наставниците за да може да се прилагодат на новата концепција. Наша цел е темелно да ја подготвиме реформата која првпат се фокусира на најважното, а тоа е знаењето на децата. Тоа значи дека сите заеднички ќе вложиме максимални напори за да го подготвиме системот за имплментација и да ги подготвиме наставниците. Ова е предуслов за воведување на реформата и сигурни сме во следниот период имаме време да се подготвиме добро. Реформата е започната навреме и со години трае овој процес кој сега мора да финишира, бидејќи секој ден доцнење е на штета на идните генерации, рече Царовска.

Директорите на основните училишта на средбата, како што информира МОН, дадоа поддршка на реформата и посочија дека се подготвени целосно да се посветат на нејзината имплементација во прво и четврто одделение од идната учебна година.

– Даваме максимална поддршка на спроведувањето на реформите и активно и посветено ќе се вклучиме во нивната имплементација. Силно верувам дека успешното спроведување на оваа концепција значи и успешни идни генерации, рече Миле Младеновиќ, директор од ОУ „Димитар Влахов“ во Штип.

Катерина Арсовска, директорка на ОУ „Јохан Х. Песталоци“ од скопската општина Центар рече дека како директори добро ги познаваат проблемите во образовниот систем и реформата е фокусирана директно на решавање на овие проблеми.

– Оваа концепција е одговор на долгогодишните барања на наставниците да имаат поголема автономија во држењето на наставата, но и на учениците и родителите и затоа е неминовно да се имплементира, рече Драгица Спасова, директорка на ОУ „Сандо Масев“ од Струмица.

Директорот на ОУ „Ристо Ристески“ од дебарско Долно Косоврасти, Шанија Ајроски, истакна дека со реформите првпат МОН, Бирото за развој на образование и експертите нудат концепција којашто е во најдобар интерес на учениците.

– Претходно се правеа реформи, но не беа целосни и опфаќаа само сегменти од образованието, рече Ајроски.

Марија Трајковска директорка на ООУ „Таде Хаџи-Тефов“ од Кавадарци истакна дека ќе се вложат максимално за да ги имплементираат реформите, бидејќи со новата концепција добиваат и наставниците, и учениците.

– Реформата во основно образование е дел од Стратегијата на МОН за периодот 2018-2025 година, предвидена е со Законот за основно образование и е дел од владината програма. Во нејзината изработка беа вклучени универзитетски професори, наставници, а земени се предвид и ставовите на родителите, учениците и родителите, наведува Министерство за образование и наука во соопштението.

 

МИА


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.