ММС

Објавено на: 01/19/21 11:39 PM

Се омажив за секси маж, а не за пари – Марија Пијанманов Плевнеш ужива во Париз, Константин ја запросува секој ден

Марија Пијанманова, од пред неколку години Плевнеш, со нејзиниот сопруг Константин живее во Париз, но постојано шетаат низ светот и уживаат во убавините. Овој пар на широката јавност и стана познат по гостувањето во медиумите каде ја покажаа нивната необична љубов. Марија ужива во бракот со Константин, кој, како што вели, ја запросува секој ден, на најубавите места во Париз, Амстердам или дома. Но, демначите на нивната љубов, душебрижниците поведени од рушење на бракот на еден пар, кој се разведува пред јавноста, си дадоа за право, како што вели таа, да ги споредуваат со нив. Токму тоа неколку дена ја натера Марија да напише пост на нејзиниот Фејсбук профил и уште еднаш да ја објасни уникатноста на љубовта и бракот со Константин. За сите кои не ја разбрале таа за ММС реши уште еднаш да го објасни својот животен пат, живот како принцеза, додека живеела во родитлскиот дом, и бракот со Константин во градот на љубовта-Париз.

Што те натера да напишеш ваков пост? Кому му се правдаш?

-Сакам да ги потсетам сите дека пред бракот со мојот сопруг, немав негативни коментари никогаш на социјалните мрежи, само добра и позитивна мисла добивав секогаш. Бев речиси омилена, имав од порталите покани за интервјуа и бев прикажана јас вистинската , во мојот вистински сјај и суперлативи. Имаше постови самоиницијативно од портали каде објавуваа дека сум јас една од најзгодните македонки, дипломиран историчар на уметност и новинар, јас бев свртена кон уметноста. И тогаш под тие постови немаше ниту еден напад и лош збор за мене, бев убавица, мила, позитивна и искрена личност, која ги сака луѓето, а и тие ја сакаат неа. Така и ми возвраќаа. Секогаш со пофалби и почит. Го напишав постот за да ги потсетам на љубопитните “демначи” дека јас сум истата личност. Затоа што според обраќањето кон мене на некои сегашни портали, дрско и безобразно, без прашање за моја изјава, прераскажана сум  според споредбите злонамерно, како личност од “ноќниот скопски живот”,  која за пари живее во некој брак со понижен и очаен  сопруг. Пластична и фотошопирана…?

Зошто те споредуваат со некои госпоѓи, па ти живееш во Париз?

-Јас не знам која е госпоѓата и не ги следам и читам македонските портали, но бев принудена да прочитам текст за фамилијарна криза,која јавно се пласирала по порталите, додека сум на патување и престојувам цел месец во Амстердам. За да кажам сега дека јас и мојот сакан сопруг Константин сме се што тој брачен пар во криза ( им посакувам среќен крај) не е. Нашиот свет е толку уникатен, изолиран од малограѓанштини, заштитен од примитивци. Јас ставам лични постови на инстаграм и лајф видеа од среќните и уникатни мигови од заедничкиот живот со сопругот, и нашиот живот изобилува со среќно волшебни моменти, мигови поминати во театар со претстави/ спектакли во Париз, кој ретко кој може да ги доживее, или види, секојдневни изложби во Лувр. Имав изненадување од сопругот да влезам лично сама во ВИП оддделот за да ја гледам сама Мона Лиза, нешто што е дозволено само во филмовите и светските музички видеа. Се чувствувам величествено, исполнето и среќно постојано и тоа е неспоредливо со ништо друго, а најмалку со  некоја брачна сага ставена на јавен линч од малограѓанска малициозност. Мислам дека некој долго време се обидува да ни го сруши заедничкиот живот со сопругот и креира омраза, иритира “проста маса“ со провоцирачки и омаловажувачки постови. Мојот сопруг има обичај да ја изрази својата љубов на специфичен романтичен начин, растел нели во романтичниот Париз , и да клекне пред луѓе насекаде во Европа каде што патуваме и да ме запроси, како на пример во една градина на парискиот Ritz Carlton пред пирамидата во Лувр, во славната галерија Лафајет на сред ескалатор, пред каналите на Амстердам, насекаде… и одлично да се забавуваме, уживаме и се смееме. Некој злобно сака да ни ја урне уникатноста, да ни го засени сјајот, да ни ја блокира слободата на изразување, на слободоумност. Ние сме поведени во животот пред нас со светска мисла, мојот слоган е “ Париз е мој”.   Сакам да речам дека победувам, омилена сум и во Париз, зошто да се преоптеретувам со удари на портали кои ми мислат само лошо, и ме опишуваат во жаргон кој јас ниту го применувам, ме ставаат во ист ќош со луѓе со кои никогаш не се мешам и не му припаѓам ( ова е јавно “ силување”  бидејќо јас сум многу избирлива и изолирана  по природа личност) .

Зошто никој портал ако сме им толку омилени и не демнат на секој чекор при патувањата, не го опфатат уникатниот  дел од нашите моменти, каде гледаме спектакли, уникатни изложби како последната сега во Париз, посветена на легендарниот живот на славната Коко Шанел, ова е уникатен запис, ние сме единствените кои во време на пандемија живееме уметнички, а не малограѓански и не се откажуваме од тоа. Не одиме по бордели, не се сликаме со дрога, не си документираме брендови врз нас, не лечиме комплекси, вистински сме и реални. Во време на пандемија посетивме и Париска модна недела во популарниот Мун, седев еднакво со тој џет сет околу мене, и дури тие гледаа во нас, затоа што сопругот дури и таму заигра, клекна и ме запроси. Хахаха… Ние сме толку поразлични и уникатни и затоа е овој гнев пласиран кон нас од некои портали кои за среќа не ги следам, но ме известуваат за се тоа што ни е наметнато некои добри луѓе кои ме разбираат безусловно и ме поддржуваат.

Зошто реагираш на „селанка“ и „пластика“, секој го живее животот како сака?

-Мислам дека со се погоре опишаното веќе е јасно зошто, реагирам затоа што ми е наметната една “ сељачка“ метафора за сликата на мојот живот, нешто од кое добивам и вртоглавици. Ако живееш толку уникатно, зарем ќе сакаш истовремено да си обична фотокопија. Тоа се заедно нема три чисти со мојот стил, кој не е од вчера. Јас сум жена која многумина инспирирала и ја ископирале. И тоа не е тајна. Зошто сега се ова да го упропастам со изглед идентичен ( пластиката нуди еден ист израз и празнотија во убавината) . Ако секој има право нели да мисли што сака, ете ова е мое право на размислување. Јас можам да трпам многу трансформации, менувам стилови и сакам да експериментирам, но тоа не е пластика, ако си специфично убав и впечатлив. Никогаш не сум правела никакви корекции, затоа што нема ни потреба, јас сум сеуште најубава кога се будам од спиење наутро. Но, знам да владеам со модните стилови и да збунувам.  Не ми треба име на бренд врз мене за да привлечам внимание. Јас сум бренд. И сум ( хаха) штом толку внимание привлекувам. Имам прекрасни фанови не само хејтери.

Еднаш на плажа во Охрид ми пријдоа три млади тинејџери, девојчиња и момче и го замолија сопругот да се фотографираат со мене, и рекоа, – многу сме среќни, таа ни е се! Потоа јас се расплакав, затоа што беа прекрасни и најубави, а ми подарија бесценето внимание. Сега се ова со омразата посеана по порталите во постовите против мене го руши. Мислам дека луѓето се доста лукави, живееме во еден Итар Пејо филм денес, мислам дека на луѓето се им е јасно што се случува и вешто манипулираат и управуваат со злобата и итрината, за да ти наштетат и тоа мислам дека е многу опасно. Криминални умови се повеќе, кои се безидејни да креираат и иновираат, уживаат во омразата. Би рекла изобилие од социопсти, психички оштетени од долгогодишните хаотични случувања и владеења во државата. Ова се опасни времиња каде лукавиот ќе победи. Но јас сум Христијанин, а омразата не е моја религија.

Зошто сметаш дека лугето мислат дека си се омажила за пари, кога и самата велиш дека си растела во изобилство, додека Плавнеш живееле во Париз како емигранти во мал стан?

-Па јас можев и да не се омажам. Хахахаха. Секој има право да бира, ако знае што сака и што бира. Се омажив поради тоа што имав можност да сретнам прекрасен партнер, кој сам ми пријде со многу стил и големо обожавање. Тој е навистина секси маж, не можеш да оддолееш на тој секси  париски шарм.  Значи се омажив со секси сопруг, парижанец и уметник, кој се гледа, се знае и се разбира. А не со “ пари” . Тој ми пружи се, за да се чувствувам како таа што навистина сум, вистинската. Јас се прилагодувам на можностите на сопругот и никогаш не барам нешто повеќе, но тој секогаш ми дава се самиот, тоа се негови желби и идеи и задолженија. Со еден толку добар стил изненадува со детали, заведува, почитува, владее со нашиот свет. Се што изгледа мегаломански во нашиот брак е од неговиот вроден париски стил, а приватно како душа тој е нешто најскромно. Мислам дека ова се’ кажува за таа брачна финансиска енигма околу мојот брак со Константин. Јас се омажив со него, а тој за се останато е доволно паметен и мудар и знае како треба со нас. Постојано ми нагласува дека како дете има растено во еднособен стан во Париз. Јас израснав во куќа од 500 метри квадратни, ме носеа со кола секое утро во училиште, прва ги носев најмодерните облеки, бев татина принцеза, и иако растев со се што посакував од дете, бев скромна, материјалното не ме возбудуваше. Не се променив од тогаш, но знам која сум, каква е мојата животна енергија, и кој е мојот извор на интелект и  гени.

Како сте со Константин, како ви врви бракот? Дали ви трае љубовта како првиот ден?

-Љубовта секој ден ни почнува одново, таа е како еден париски сон. Денеска ме разбуди со француска песна на социјалната мрежа, инстаграмска љубов со видео од Амстердам и песна. Тој постојано пее, свири, компонира, пишува збирка француска поезија, готви, пазари, прави кафиња со ароми, купува цвеќиња, авионски билети, подготвува изненадувања. Тој е светски човек, малограѓаните му се оддамна далеку од животниот видокруг, тој има префинет вкус. Делот каде порталите во Македонија клеветат, се закануваат и шират лаѓи и омраза се нешто најапсурдно што може да му се случи токму на човек како мојот сопруг. Па тој е докторант во Париз,  нашиот свет е филм, а ова што ни го пласираат примитивните портали е хорор. Ќе тужиме. Не сме ние било кои, ние сме парижани. Ќе тужиме!

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.